Викендот после предизвикот ги впивам сите информации што ги научив во последните две недели. #10zerodays беше еден од потешките делови летово, но исто така период од којшто веројатно ќе има најмногу бенефит. Одлучив да поминам низ сите 10 дена и накратко да споделам кои беа потешкотиите со кои се соочив.
Ден 1: Моќен старт. Започнав со рецепт за паста за заби. Беше до некаде предизвик, состојките не беа многу евтини, ама пастата ќе трае подолго. Со ова ја елиминирав тубата од пастата што многу тешко, или скоро и да не може да се рециклира. Малку ме пецкаше на непцата, ама ми кажаа дека ќе ми се навикнат. Јадев главно тоа што имав дома, не докупував работи. Покрај амбалажниот отпад, отпадот од храна е многу сериозен така што не бев премногу пребирлив, барем не кога имавме предмалкку наполнет фрижидер.
Создаден отпад*:
Органски: 1 лист од зелка, талог од кафе.
Останатно: 1 тегличка што ќе се реупотреби
Ден 2: Надворешниот свет. Дента имав неколку обврски, па одлучив да истестирам неколку работи. Најмногу што научив е строго чуваната тајна на пекарите. Изразот „Дајте ми во рака, без ништо друго, само *тоа што сакаме да го јадеме*“ беше вистинско просветлување за мене. Може ќе звучи измешано и неодредено, но верувајте пекарите ќе знаат што значи. Поради тоа што ја пробив тајната добив неколку чудни погледи, но ова беше нормално за целиот предизвик.
Создаден отпад*: Органски: Лушпи од портокал, Талог од кафе
Останат: нема
Ден 3: Изолација. Одлучив да имам мрзелив ден. Тоа беше поволно за мене, зошто го направи предизвикот многу лесен. Не можеш да правиш отпад ако се изолираш дома и гледаш аниме цел ден. Проблемот беше што во целата мрза, научив дека за ваков животен стил треба да се има план за денот, најмногу за исхрана. Не треба да имаш строга диета, но убаво е да се има чиста слика на тоа кои ти се опциите. Ова го дознав на потешкиот начин, со тоа што „зафркнав“ јајца на пареа, и го одложив мојот доручек. Овој ден ќе го памтам по глад и уживање.
Создаден отпад*: Органски: Лушпи од портокал, 3 лушпи од јајца, едно јајце скроз, ¼ кришка леб што ми падна, талог од кафе
Останат: нема
Ден 4: Авантурата продолжува покрај езерото. Утрото пред да одам на Д Фестивал во Дојран, селектираните лушпи од јајца и талогот од кафе ги изблендирав со вода и ги ставив на цвеќињата. За Дојран земав неколку пластични кеси, но иако пластика што не е направена да трае подолго време (од кориснички аспект) ми станува одвратна, сепак многу луѓе ми потенцираа дека ќе ми требаат за во кампот. Тргнавме околу 5 попладнето. За по пат си земав грицки без отпад, индиски ореви и кикирики со мед и сусам, завиткани во платнено шамивче. Бев многу горд на ова и малку преентузијастички ги нудев сите да јадат.
Создаден отпад*: Органски: Трошки од грицките
Останат: метална-пластична лента од апчиња против лошење, 2 пластични амбалажи од палома, 4 пластични ќеси од кои 2 станаа отпад, алка од фестивалот
Ден 5: Перфиден клетник. До зајдисонце имав неколку пластични гревови кои мислев дека ќе бидат врвот на денот. Утрото доручкував од пекара со тајниот код, во рака без ништо. Нешто после пладне имавме работилница со Go Green – Биди Зелен и Ајде Македонија, каде што ги дискутиравме нашите навики во однос на отпадот. Тие што веќе почнале со подвигот споделувавме совети и искуства. Беше многу жешко и мислев дека не се пие водата, поради некоја причина, па си купив 1,5л вода во пластично шише. Потоа братучетка ми ми донесе хартија без картонче во средината, завиткана само во хартија и бев пресреќен. Но сонцето зајде. Не се појавија ѕвезди што беше загрижувачки. Со првите капки дожд на сцена настапија Демос и Фобос (страв и ужас).
Создаден отпад*: Органски: Мислам дека немав, не бев премногу фокусиран на храна
Останат: 2 големи пластични шишиња – селектирани, 1 ролна тоалетна, 2 хартиени завиткувачи на тоалетната, 1 од пластичните ќеси за да се ограничи сето тоа.
Ден 6: Баланс. До утрото направив многу отпад со одржување на.. се’. Моето здравје, мојот шатор и тн. После некое време одлучив да преноќам кај братучетка ми, што сум многу благодарен. Имавме уште една работилница дента, го чистевме цел камп и раскажувавме на луѓе за животен стил без отпад и навистина привлече без внимание. Од Вело Кафе испив многу сок од портокал и така стекнав навика да носам моја амбалажа за сок од портокал. Сфатив дека тоа е единственото место во Скопје каде што кога ќе донесеш своја амбалажа нема да бидат збунети и нема да те осудуваат (поради некоја причина) туку ќе те пофалат за твојот избор.
Создаден отпад*: Органски: нема
Останат: 2 мали пластични шишиња,
Ден 7: Стаклени нозе. Веќе не ми пречеше пастата, непцата ми се навикнаа. Цел ден врнеше. Се беше меланхолично, се сеќававме на вчерашниот ден/вечер и не се случи многу во однос на нула отпад. Два од трите оброка ми беа без амбалажа, повторно од пекара. Вечерта ме стигна дождот од претходниот ден и кренав температура, па прогласив целосно запирање на предизвикот за 20 часа, тоа би ми дало околу 2 часа во Скопје да дооздравам за да продолжам со предизвикот. Во текот на вечерта зедов два парацетамола, кои не беа нула отпад.
Создаден отпад*: Органски: нема
Останат: стиропорски завиткана храна, 1 ролна хартија, 2 метално-пластични лентички од апчињата, амбалажа од витамини во прав, 1 големо шише
Ден 8: Целосен пад. Предизвикот личеше невозможен додека си болен и бев многу задоволен што си допуштив целосно да не се воздржувам, барем да можам трезвено да размислувам. Глупаво е што не предвидов настинка па не го земав и тоа во обѕир, па ми се јави желба да истражам дали/како да се справам со посериозна температура без отпад. Претпоставувам дека повеќето начини ќе бидат „природни“, но се сомневам дека ќе бидат доволно силни или ако ништо друго исто толку ефективни како комерцијалните лекови. Но можеби сум пребирлив.
Создаден отпад*: Органски: талог од кафе
Останат: 1 пластична чашка кисело млеко, хартија и ќеса од пекара (не купував јас)
Ден 9: Рехабилитација. Планирав да имам уште еден мрзелив ден, но сепак отидов до Ревија и на Go Green состанок. Со мене не понесов шише вода, но патот си го испланирав да ми има најмногу фонтани што можеби и беше идеално. Нема многу во Кисела Вода, ама во Центар имаше доволно да ме однесе од точка А до точка Б.
Создаден отпад*: Органски: Лушпи од портокал и лимон
Останат: Пластична цевка
Ден 10 и 11: Моќен финиш. Не направив нешто ново, ама ги завршив двата дена целосно без отпад, со навиките и искуството што го стекнав досега.
Создаден отпад*: Органски: талог од кафе, лушпи од јајца, круша, портокал, лимон и цитрон
Останат: нема
Предизвикот, и покрај грешките и потешкотиите го прогласувам за успешен. Беше предвидено дека ќе излезат непредвидени работи, но токму од нив најмногу научив. Од нив согледав каде треба најмногу да доистражам и да се подобрам, а тоа е медицина. Главната цел беше да стекнам нула отпад навики кои ќе останат, кои ги стекнав. Најважното што го научив е дека треба да се навикнеш на чудните погледи и дека треба планирање, бидејќи ако живееш без отпад или си „raw“ веган или нешто слично, драстично скршнуваш од сегашните социјални норми. Поради тоа важно е да се запамети да се планира, бидејќи нема сите потребни работи да бидат најлесно достапни. Исто така мислам дека не треба да ни стане централно на идентитетот (Како јас сум веган, јас сум Zero-waster или нешто слично) бидејќи колку и да го романтизираме, да бидеш на работ на општествените норми не е лесно и може да биде деструктивно за целта. Треба да достигнеме состојба каде што овој или оној животен стил беспрекорно ќе се вклопува во нашиот претходен, нормално без лошите страни.
*Отпад од тоалетна хартија пресметав околу 1.8 метри дневно, горна граница со исклучок кога врнеше во Дојран.
Никола Јовановски