Никола Јанкуловски е избран за нов ректор на УКИМ

Актуелниот декан на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски е новиот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Со 43 гласа, од вкупно 55, Јанкуловски ја наследи функцијата на досегашниот ректор Велимир Стојковски.

Неговиот противник, професорот и поранешен министер за образование Ненад Новковски освои 6 гласа, додека останатите 6 гласа беа неважечки.

Изборот за нов ректор помина со жестока расправа помеѓу Стојковски и четирите претставници на Студентски пленум, која заврши со нивно напуштање на седницата. Тие беа примени откако четири часа го блокираа влезот на Ректоратот, не дозволувајќи да се одржи изборот за ректорт.

Студентите доставија и огромна документација до Верификационата комисија што според нив, ја докажува нелигитимноста на студентските претставници во Сенатот. Тие сметаат дека изборот на ректор, со студентски претставници чиј мандат е истечен, ќе предизвика сериозни правни последици, бидејќи во иднина сите одлуки на Сенатот може да се оспорат пред законот.

За време на расправата, четирите Пленумци побараа присутните претставници на студентите во Сенатот да објаснат како го добиле својот мандат. Ректорот, на ова, возврати со зборовите дека Сенатот не е истражен орган и дека нема надлежност да се меша во работата на парламентите.

Во своето излагање по повод победата, новоизбраниот ректор рече е свесен за проблемите кои ги наследи и дека во иднина ќе се посвети на нивно решавање.