Никој од јавната администрација не пријавил притисок преку алатката на МИОА, Министерот уверува дека институциите ќе постапуваат

Една недела откако е објавена интернет-алатката за пријавување притисок врз вработените во јавната администрација, сè уште нема стигнато ниту една пријава, информираше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Тој, на пресконференцијата во Владата, потенцираше дека граѓаните треба да бидат уверени дека нивните пријави се анонимни и дека по нив ќе биде соодветно постапено од надлежните институции.

„Притисоци, уцени и злоупотреба во јавната администрација не смее да има. Владата и Министерството работат посветено на администрација која работи професионално и во служба на сите граѓани. Се обидуваме целосно да ја смениме сликата за заробена држава. Затоа МИОА на 13-ти септември објави алатка за пријавување притисоци на работното место во пресрет на Референдумот. Алатката треба да послужи како заштита на сите вработени во јавната администрација, кои во случај на притисок, имаат лесно достапно место каде да се обратат. Тоа е предупредување за сите министри, директори, раководители дека секој нивен обид за злоупотреба на службената положба ќе биде најжестоко санкциониран“.

Алатката овозможува секој вработен во јавната администрација да пријави евентуални притисоци на работното место. Манчевски изјави дека Министерството за информатичко општество и администрација се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи за натамошно постапување. Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува, сака да ги сподели своите лични податоци, тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на лични податоци“.