Никој не ги „есапи“ синдикатите, иако се последниот крик на администрацијата

Проблемите на синдикатите остануваат во позадина, дури и во политичките кампањи. Како што вели претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, Пецо Грујовски, никој во државата не ги „есапи“ синдикатите, иако тие се последниот крик за независност на јавната администрација.

Зборувајќи за неколкумесечните протести на судската администрација, Грујовски вели дека власта прифатила дел од нивните барања не поради тоа што сакала, туку од што морала.

Тој, заедно со уште неколку претставници на други синдикати, зборуваше на денешната трибина организирана од Фондацијата Фридрих Еберт. Тие се осврнаа на односот на државата кон нив и за тоа што е потребно да се промени со идната власт.

„Оваа панел дискусија е последниот крик на администрацијата да се направи нешто за овој навистина неуставен, грд Закон за администрација, кој повеќе има намера да направи послушна и зависна администрација“, рече тој.

Грујовски додава дека Законот не е ниту „европски“, како што државата го претставува и е исклучиво штетен за работниците. Според него, време е синдикатите да престанат да бидат нечиј украс.

„Навистина не е убаво што никој во државата не ги есапи синдикатите“, смета тој.

Неговиот колега од истиот синдикат, Трпе Деаноски, го надополни со тоа што истакна дека измените во законите се носат без расправа и дебата.

„Имаме двојни аршини со Законот. За да се казни или да се избрка некој, Законот може да се спроведе како што е напишано, а кога треба да се награди , никој ништо не презема во тој поглед“, прокоментира тој.

Но, според Нела Малеска Сачмароска, од Центарот за управување со промени, државата има сериозен проблем со оглед на тоа дека 50 отсто од вработените во јавниот сектор, или приближно 11 илјади луѓе, се вработени без некаков тест, или врз основа на некакво искуство. За неа, македонскиот систем е целосно дерогиран, каде секој закон, или акт, во која било форма е подложен на злоупотреба.

Одземањето на независноста и транспарентноста, пак, дополнително ја отежнува ситуацијата на јавната администрација смета Александар Колекевски од Македонскиот центар за европско образование. Според него, има многу мал прогрес во однос на тоа што е направено во изминатата година.

„Јавната администрација функционира во еден поширок систем кој не е избалансиран. Општиот предуслов за да функционира јавната администрација е владеењето на правото. Но, ние имаме сериозни проблеми, конкретно на оној дел што се однесува на функционирање на администрацијата во клучните сегменти во државата. Зборуваме за нивната независност, за нивната отчетност, и тука исто така имаме неизбалансираност“.

Од Синдикатот на културата на Р.Македонија велат дека тие на свој грб го почувствувале она што на микрониво се случува во државата. Како нивен претставник зборуваше Виктор Илиески, кој рече дека владее фаворизирање на одредени синдикати, кои тој ги нарече „полтронски“.

„Имавме страшни блокади од сите институции во оваа држава, почнувајќи од Министерството за труд и социјална политика, каде сите синдикални организации, кои уредно бараат да бидат дел од синдикалната култура на Македонија и кои ја испратиле целата документација, две и пол години чекале во нечии фиоки“, истакна тој.

Според Илиески, потребен е нов, посебен, закон, по теркот на тој од 1998 година, да се направат колективни договори и да се најдат решенија за унапредување на културата.

„Се ова е направено за луѓето да се на колена, да бидат во ќош ставени, да не можат слободно да ги изразуваат своите одговорности за коишто се платени во описот на работните места, туку постојано да се под стрес и страв и да паѓаат во несвест на некакви авторитети. Јас секогаш зборувам дека министрите си доаѓаат и си одат, но културата и културните дејци се најголемите амбасадори на државата“, подвлече тој.

На трибината беа повикани и политичките партии. Во отстуство на голем дел од нив, приликата да каже што планираат да направат по ова прашање ја искористи Стево Пендаровски, од редовите на Социјалдемократскиот сојуз. Тој рече дека прва работа што сакаат да ја направат е јавно да објават регистар на сите вработени во државната администрација.

Нема да биде како денес, да претставува најстрого чувана тајна“, забележа тој.