„Никогаш не наплаќам за мојата уметност“ – Бенкси се огради од изложба на негови дела во Москва

Уличниот уметник Бенкси се огради од изложбата на негови дела во Москва, објаснувајќи дека никогаш не би наплаќал за луѓето да ја видат неговата уметност.

Најконтроверзната изложба во Москва ова лето, е токму изложбата на графитите на Бенкси, вклучувајќи го и оригиналното дело на неговата верзија на Мона Лиза и уште 25 други оригинални дела кои организаторот на изложбата, Александер Нечкебија ги нарекол „уникатни“.

Рекламирани од Централниот дом на уметниците во Москва како „уметнички настан на годината“, според руските медиуми изложбата привлекла 200 илјади посетители во првите два месеци. Сепак, целиот настан очигледно се одржал без знаење на Бенкси.

Во онлајн преписка објавена на Инстаграм профилот на Бенкси, тој на фотографија од неговата изложба во Москва одговара со зборовите: „Што по ѓаволите е ова?“.

Кога соговорникот му објаснува дека тоа е изложба на негови дела и билет се продава за 20 фунти, уличниот уметник саркастично одговара: „Би сакал ова да ми беше смешно. Што е обратно од LOL?“.

A post shared by Banksy (@banksy) on

Изложбата е спонзорирана од голем број од најголемите руски компании. Меѓу нив и мобилниот оператор МТС и компанијата за антивируси Касперски, додека како медиумски покровители се наоѓаат голем број од познатите руски новински агенции.

„Знаеш дека ова нема врска со мене, нели? Јас не наплаќам на луѓето да ја гледаат мојата уметност“, напишал Бенкси во преписката. Медиумските претставници на Бенски сè уште не одговориле на барањата за коментар.

Организаторите на изложбата во Москва веќе јавно имале соопштено дека Бенкси не е вклучен во изложбата. Во интервју за руската државна телевизија во јуни, Нечкебија изјавил дека не комуницирал со Бенкси или негови претставници пред изложбата.

„Бенкси секогаш е против изложби кои не ги организира самиот. А, што се однесува на Бенкси, тој сè уште работи на улица, сè уште е бунтовник и сè уште работи многу релевантни и актуелни дела. Па сметам дека ова не е важно за него“, изјавил Нечкебија.

Изложбата е прв настан во кој се прикажуваат делата на Бенкси во Русија.

Во преписката, кога соговорникот на Бенкси му порачува да објави јавно соопштение во кое ќе се огради од изложбата, уметникот одговара:

„Хммм, не сум сигурен дали јас сум најдобрата личност да се жали на луѓе затоа што поставуваат слики без да добијат дозвола за тоа“, напишал Бенкси.