„Ние сме визуелни“ e новиот прирачник за аудио-визуелна едукација

„Ние сме визуелни“ e новиот прирачник наменет за формални и неформални едукатори кој нуди методологија базирана на употребата на документарниот филм во процесот на едукација за човекови права. Прирачникот го издадоа и промовираа Здружението за промоција на документаристикa “Македокс” и Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“.

Прирачник за аудио-визуелна едукација: Со визуелно учење до комплетно осознавањеНовото помагало е наменето за наставниците и неформалните едукатори за човекови права на млади на возраст од 12-16 години. Целта на неговото издавање е да го збогати процесот на образование за човекови права и теми од општествена важност со креативна и инклузивна употреба на аудио-визуелни материјали, како и да ја зголеми свесноста на младите за нивните права и одговорности, да ги сензибилизира за различните и различностите и да ги поттикне на граѓанска одговорност и граѓанско делување.

Прирачникот е двојазичен (македонски и албански) и е составен од 10 ДВД-а со 12 филмови и предлог активности за нивна употреба во образовниот процес.

„Ние сме визулени“ се темели на концептот на визуелно и искуствено/интерактивно учење, кој овозможува младите потрајно и поефикасно да ги доживеат и според тоа полесно да ги интегрираат и осознаат пораките, знаењата и вештините пренесени преку внимателно избраните креативни документарни филмови.

Прирачникот е резултат на партнерски проект помеѓу „МакеДокс“ и ЦРИС „Студиорум“ од Скопје, филмскиот фестивал  „Документ“ од Глазгов, Интернационалниот филмски фестивал на човекови права од Нирнберг и филмскиот фестивал „Мувис дет метер“ од Амстердам, а се реализира со поддршка на Извршната агенција за образование, аудиовизуелни уметности и култура на Европската унија (ЕАЦЕА).

Во следната фаза од проектот, МакеДокс предвидува организирање работилници за обука на сите наставници и неформални едукатори во Македонија кои се заинтересирани за негова примена.

Ова е втор едукативен прирачник со документарни филмови во издание на МакеДокс. Првиот насловен како „МакеДокс во училница“ е наменет за наставниците по социологија и граѓанско образование во средните училишта во РМ. Со поддршка на Националната фондација за демократија од Вашингтон и Американската амбасада во Скопје, а со одобрение на Министерството за образование на РМ во рамките на овој проект се обучуваат и бесплатно го користат 120 наставници од средните училишта во земјава.