„Ние одлучуваме“: ДИК незаконски ги препраќа до МВР граѓаните кои пријавуваат непостоечки гласачи

Добивме информации дека Државната изборна комисија (ДИК) ги препраќа граѓаните кои пријавуваат непостоечки гласачи на нивните адреси до Министерството за внатрешно работи (МВР). Во МВР од граѓаните се бара да поднесат своерачно потпишано барање за промена во евиденција на лични податоци и да приложат докази, како купопродажен договор или имотен лист од кои ќе биде утврден сопственикот на објектот/имотот кој се води на адресата каде се појавуваат лица кои немаат избирачко право или немаат живеалиште на адресата, рекоа денеска од граѓанската акција „Ние одлучуваме!“

Од таму велат дека ваквата постапка паѓа на товар на граѓанинот кој пријавил нерегуларност во Избирачкиот список, дополнително да обезбедува докази за нерегуларност која не настанала со дејствие или заради пропуст на самиот граѓанин.

„Со внимателно толкување на законските одредби недвосмислено произлегува дека ДИК е надлежна за постапување по пријави за бришење од Избирачкиот список. А понатаму надлежностите разработени во Правнилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список, предвидуваат и начело на соработка помеѓу ДИК и МВР во однос на пристап до базите на податоци и прибавување на потребните докази за водење на постапката за ажурирање на Избирачкиот список.  Постапувањето спротивно на одредбите на Изборниот законик и Правилникот, ДИК воспоставува пракса која што не само што не е законски предвидена, туку и им отежнува на граѓаните на тој начин што по добиеното решение од МВР нужно е потребно да покренат уште една постапка пред  ДИК за бришење на податоци од Избирачкиот список“, забележаа од „Ние одлучуваме!“.

Нагласуваат дека дел од граѓаните се откажуваат од продолжување на постапката за пречистување на податоците од Избирачкиот список бидејќи процедурата им одзема дополнително време и ресурси. Сето ова, велат тие, реално влијае и на должината на постапката и на довербата на граѓаните во институциите кои се задолжени за одржување на фер и демократски предвремени парламентарни избори во 2016 година.

Апелираат и до ДИК до заклучување на Избирачкиот список во рамките на нивните овластувања да постапат соодветно за ажурирање на Избирачкиот список и негово прочистување.

„Воедно, апелираме до политичките партии во Македонија, на кои согласно Изборниот законик, по завршување на јавниот увид им се доставува Избирачкиот список и кои имаат право во рок од 5 дена од приемот на истиот да доставуваат барања за запишување, дополнување и бришење од Избирачкиот список, да придонесат во ажурирање на Избирачкиот список и негово прочистување со цел овозможување на фер и демократски предвремени парламентарни избори во 2016 година“, рекоа од „Ние одлучуваме!“.

Од таму ги охрабруваат граѓаните да пријават предизборните нерегуларности, притисоци врз нивното избирачко право во форма на агитации, заплашување  и слично како од политичките партии, така и од работодавачите во јавната администрација и од приватниот сектор. За оваа цел е отворена бесплатна СОС линија која нуди правна помош за гласачите на македонски и на албански јазик. Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно.