Независните кандидати на изборите ќе учествуваат со собрани два потписи, одлучи ДИК

Независните кандидати ќе можат со собрани два потписи од избирачи да се кандидираат на претстојните локални избори. Државната изборна комисија на последната седница вчера усвои Правилник за регулирање на постапката за собирање потписи за поднесување на кандидатски листи поднесени од група избирачи и начинот на определување на нотарите, со кој утврди дека независните кандидати за градоначалници или листа на советници треба да бидат потпишани од најмалку два избирачи. Одлуката следува откако Собранието не успеа да го измени Изборниот законик во делот на собирањето потписи.

Претседателот на ДИК Борис Кондарко рече дека има поинакво мислење, дека независните листи треба да се кандидираат без потписи, но и дека ќе го поддржи предлогот.

„Ќе го поддржам овој Правилник бидејќи сметам дека тоа е во интерес на изборниот процес и  непречено течење на сите дејствија од изборниот процес. Изборите се распишани, изборните дејствија се во тек и ДИК нема право и нема можност да ги одложи или да ги сопре изборните дејствија, рече Кондарко и посочи дека со оглед на состојбата во која е Државната изборна комисија, откако Собранието во два наврати не успеа да го реши ова прашање кое е во негова надлежност, ДИК ќе ги примени одредните од законот онакви какви што се.

„Сметам дека треба да биде без собирање потписи, но со Правилникот се предлага најмалку два потписи од два избирачи, што во суштина не менува ништо, заради што ќе гласам за овој правилник“ рече Кондарко.

Членот на ДИК, Александар Даштевски образложи дека групите на изборачи, како подносители на листи на кандидати за членови на совет или за градоначалник потребно е предлозите на листите да ги потврдат пред подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК со важечки документи за личен идентификација, со адреса на живеење на соодветна општина за која се поднесува соодветна кандидатска листа и притоа за поддршка на истата на пропишан образец да бидат потпишани најмалку два избирачи.

Тој нагласи дека потписите за поддршка на листите почнуваат 10 дена од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена, и се врши во редовно работно време на подрачните одделенија и канцеларии од 8,30 до 16,30 часот.

Минатата година Собранието зголеми прагот за потребни потписи за независни листи на еден отсто од регистрираното гласачко тело во изборна единица, со што сериозно се зголеми бројот на потребни потписи за учество на граѓанските иницијативи на изборите. Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик, поради што до денеска остана нејасно на кој начин можат независните кандидати да се појават на изборите. Собранието и минатата недела не успеа да го изгласа најновиот предлог прагот за собирање потписи да биде 0,95 отсто од регистрираните гласачи.

Две иницијативи, Зелен Хуман Град и Независни заедно, во меѓувреме започнаа постапка за формирање политички партии.

Мета.мк