Независниот синдикат за образование и наука преку протест поставија низа барања до МОН

Преку протест пред Министерството за образование и наука (МОН), кој започна во 13 часот, денеска Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) постави низа барања до МОН кои се однесуваат на подобрување на условите на просветните работници.

Тие велат дека и покрај многуте обиди за воспоставување конструктивен дијалог со претставниците на МОН, наишле на игнорирање на нивните барања.

Од НСОН истовремено побараа и почитување на ставот на Друштвата на наставници во врска со најавената Концепција за реформи во основното образование. Претседателот на синдикатот, Томислав Гиевски посочи дека во периодот додека се подготвувала концепцијата, приметиле дека голем дел од барањата на здруженијата на наставници биле, како што вели, игнорирани, не биле слушнати, но и небиле примени за конструктивен дијалог.

„Здруженијата на наставници и независниот синдикат не се непријатели, ние сме конструктивен партнер и критички сме настроени во однос на оние работи за кои сметаме дека треба да бидат направени. Само на еден начин можеме да постигнеме подобар воспитнообразовен процес, за сите нас, а тоа е преку дијалог, разговори, слушање на гласот на просветниот работник. Само на тој начин можеме да направиме подобра иднина за нас, подобра иднина за нашите деца, односно за сите што учествуваат во воспитнообразовниот процес“, рече Гиевски.

Па оттука, тој апелираше до МОН, да разговара со синдикатот, но и со сите здруженија на наставници и стручни соработници, со цел да се најде компромис и да се направат подобри и поквалитетни реформи за сите.

Потоа, тој истакна дека друг проблем со кој се соочуваат просветните работници веќе подолг период, меѓудругото e, како што рече, тоа што во колективниот договор јасно и недвосмислено е наведено дека почетната плата која што е столб за пресметка на нивните плати, мора да биде најниската плата на државно ниво.

„Знаеме колку земаме плата, знаеме дека просветните работници се потпросечно платени, добиваме плата која што е пониска од републичкиот просек и поради тоа апелираме како најниска платена за најнизок степен на сложеност во секторот образование да се примени минималната плата на државно ниво, која што е во моментов многу повисока од онаа која што со спогодба ја имаат направено репрезентативниот синдикат и МОН“, рече Гиевски.

Доколку барањето биде уважено, тој смета дека на овој начин просветните работници нема да бидат потпросечно платени, односно дека ќе бидат достоинствено платени, како што е во останатите држави во регионот.

Од Независниот синдикат за образование и наука исто така бараат и исплата на платите согласно со Закон и Колективен договор до 10-ти во месецот, исплата на додаток на плата за наставниците кои работат со двојно зголемен фонд на часови и исплата на регрес за годишен одмор од кој просветните работници моментално, како што велат се изземени.

Потоа, тие бараат и организиран превоз, односно, месечна карта за јавен превоз или месечен надоместок за патни трошоци за просветните работници кои патуваат на работа во рурални средини, или од една во друга општина. Истовремено, тие бараат и трансформација на работниот однос на просветните работници кои во континуитет се вработени две или повеќе години.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, во чиј склоп е и НСОН, посочи дека немаат намера да се откажат од борбата.

„Ова е безпоштедна борба, тешка е борбата, меѓутоа, ова што го гледам денеска, вие сте победници. Секаде каде ќе видиме неправилности ќе застанеме. Оттука праќам абер дека НСОН ќе ја има нашата поддршка безпоштедно“, рече тој.

Ристески истакна дека ова е еден пробен и симболичен протест преку кој го искажуваат нивното задоволство, со цел да пратат порака до министерката Мила Царовска да го прими синдикатот на преговори и да ги слушне нивните ставови.