Независен синдикат на градежни работници: Универзална сала со малку пари може да се санира и да продолжи да работи

Независниот синдикат на градежни работници и инжинери и трговци во градежништвото НС ГРИТГ ги повика граѓаните да застанат во одбрана на Универзална сала, која, како што посочија, е светски објект на солидарноста и подарок од 35 земји од светот.

Според Атанас Трајковски, претставник на Синдикатот,  Универзална сала може многу лесно и со мала инвестиција да се санира и да продолжи да работи.

„Градот се ширеше со континуиран развој цели 55 години. Од тогаш на никој не му дојде на памет да го доведе во прашање опстанокот на овој светски симбол на солидарноста. Освен тоа, буди сеќавања на многу настани што се случувале тука. Сега му текнало на некој паметен да ја руши. Изгледа им недостасуваат пари во градската каса. Урбаната мафија продолжи да работи за да ги задоволи потребите на своите вработени по општините и во градот Скопје. Според ДУП и ГУП кој не е донесен вчера, овде треба да никне објект со приземје, шест ката и поткровје. Вчера почнато е да се сечат елките кои се стари повеќе од 50 години. Јас како градежен инженер претпоставувам дека градежната оператива ќе почне да работи. Овој објект може многу лесно и со многу мали пари и инвестиција да се санира и да продолжи да ни носи разни активности, манифестации кои 55 години ги проследувавме во оваа сала, рече Трајковски.

За утре, иницијативата „Солидарни за срцето на Скопје – Универзална сала“ најави собир пред платото на објектот барајќи да не се дозволи да исчезна овој белег на градот.

Изминатиов период Универзална сала влезе во фокусот на јавност и се појавија разни реакции откако Градот Скопје објави конкурс за летна сцена со парк на местото на стариот претпознатлив објект. Од Град Скопје потоа потенцираа дека за Универзална остануваат три опции. Едната е да се урива и гради нов објект на истата локација. Втората е уривање на салата со дислокација и заштита на просторот со тековниот конкурс. Третата е реставрација на постојниот објект и израдба на повеќенаменска сала на друго место.

Градоначалникот Петре Шилегов најави и можен референдум доколку стручната јавност не најде решение за Универзална сала.