Три опции за Универзална сала, можен е референдум за конечното решение

За прашањето за претпознатливата Универзална сала, каде од 1966 година досега се одржаа 5.000 настани што ги проследија нешто помалку од 7 милиони посетители, а сега веќе 5 години е под клуч, остануваат три опции. Едната е да се урива и гради нов објект на истата локација. Втората е уривање на салата со дислокација и заштита на просторот со тековниот конкурс. Третата е реставрација на постојниот објект и израдба на повеќенаменска сала на друго место.

Овие три опции денеска на брифинг со новинарите ги истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за кој најпосакувана е третата можност.

Низ јавноста произлегоа различни реакции за конкурсот за летна сцена со парк на местото на Универзална, но Шилегов вели дека нема конечна одлука. Најави и можност за референдум.

„Заедничкото решение можно е да се бара и на референдум на кој ќе се изјаснат граѓаните, доколку стручната јавност не најде решение“, рече Шилегов.

Напомена дека за првичниот проект за реконструкција, проектираната цена е околу 17 милиони евра. Пресметките за реставрација на Универзална и изградба на нова сала на друга локација е околу 20 милиони евра.

Според Шилегов, Градот нема средства самиот да спроведе една од инвестициите и ќе треба државна помош.

„Желба ми е сите овие процеси за кои зборувавме да ги отвориме во периодот кој доаѓа и да ги затвориме колку е можно во текот на годината, со цел наредната буџетска година на државно ниво да влеземе со средства за реализација на она што ќе биде одлучено“, рече Шилегов.

Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ) истакнаа дека нивниот првичен став бил дека Универзална сала треба да остане во целост. Односно, да се реставрира во нејзиниот постоен облик и појавност. Бидејќи од градот биле информирани дека нема пари за реставрација, туку потребата е да има поголема и современа концертна сала, предложиле нова Универзална, со проширена програма за друга локација.

„По направената анализа, како можна локација беше предложена локација во близина на Спортскиот центар ‘Борис Трајковски’. Предложената локација е во непосредна близина на центарот на градот, содржи постојна инфраструктура и е во државна сопственост. Во поглед на изборот на нова локација за Универзалната сала, беше напоменато дека постојат уште неколку можни локации и спремни сме во соработка со Град Скопје, заедно да изнајдеме најсоодветно решение на проблемот“, соопштија од ААМ.

Од таму нагласија на фактот дека постојаниот објект е во многу лоша состојба, не функционира 5 години, со што овој простор не ги користи ресурсите од местото. Универзална истовремено претставува идентитетски топоним со вградено огромно количество на културниот седимент на градот, составен од низа настани во изминатите 50-ина години.

Меѓу другото, ААМ ќе поднесе иницијатива до Општина Центар, за новиот ДУП кој е моментално во изработка, оваа локација да биде со намалена површина за градба и таа да биде во рамки на постојниот објект.

Во меѓувреме реагираше и Здружението „City Scope“. Сметаат дека на Скопје му треба поголема и посовремена концертна сала, но не и уништување на симболот на градот. За сала со поголем капацитет, велат тие, потребна е друга поголема и попристапна локација. Сметаат дека на градот му требаат нови паркови и зеленило, но не на местото на овој објект.

Исто така, Универзална не треба да биде компензација за зеленилото на фабриката Треска со спорниот ДУП.

„ДА, на градот му треба сеопфатно урбано планирање и градски архитект, а не расцепкани, избрзани и неквалитетни решенија кои го дополнуваат хаосот и самоволието во сите општини. Конкурс не секогаш е решение и е далеку од сеопфатно решение на ниво на град. А и досега се покажал како чисто популистичка и манипулативна процедура за злоупотреба на јавното добро. На градот потребни му се други рушења на објекти кои узурпираат јавен простор, попречуваат проток на движење или се дивоградби, секако тука не смее да спаѓаат симболи на градот Скопје. Да не ни се повтори создавање на наметнати и непрепознатливи симболи, туку да ги заштитиме и одржуваме оние кои веќе ги имаме. Градителското, културното и природното наследство мора сами да го вреднуваме преку негова заштита и валоризација“, реагираа од „City Scope“.

Инаку, Универзална сала од 1 јануари 1966 година беше домаќин на повеќе од 300 театарски претстави проследени од над 250.000 луѓе, 17 мјузикли и 60 оперски претстави за околу 75.000 љубители на музиката.

Одржани се повеќе од 170 џез-концерти, 74 балетски претстави, 35 концерти на етно-музика и над 150 концерти од областа на сериозната музика. Исто така, околу 100 хуманитарни претстави, повеќе од по 600 концерти од забавната и од народната музика, како и 970 претстави и концерти за деца.

Универзална сала е затворена од 2015 година, во времето откако тогашната опозиција ја користеше и објави „бомби“ поврзани за изборни нерегуларности. Потоа Универзална сала имаше неколку обиди да добие нов изглед и да се реконструира, преку нови проекти, меѓу кои еден од оние во форма на јајце, но тие замисли и решенија не се остварија.

Меѓувремено Универзална доби и ново име – Конгресен центар „Александар Македонски“, па потоа пак во 2018 си го врати старото име. Досега остана нефункционална, а организаторите и уметниците настаните ги префрлаа на други локации.

Бојан Шашевски