Независен академски синдикат ќе се бори за правата на работниците во високото образование

Независниот академски синдикат, во кој членуваат професори и просветни работници претежно од досегашниот Професорски пленум, цели кон тоа да ја доведе борбата за подобри работнички права и за автономија на повисоко ниво.

„Конечно сме на топло, откако пред две години најголем дел од нас бевме на улица, на снег, пред Собранието на Република Македонија, кога се собравме заедно со студентите во одбрана на високото образование, во одбрана на нашата професија“, беа зборовите со кои професорката од Факултетот за драмски уметности Маја Стевановиќ го започна првиот Конгрес на НАКС.

Таа рече дека сега борбата за подобро и квалитетно образование ќе ја продолжат, но здружено, на што се надоврза нејзиниот колега Артан Садику од Инситутот за општествени и хуманистички науки кој рече:

„Она за што синдикатите ќе се изборат, таква ќе биде ситуацијата и поддршката од останатите“.

На Конгресот присуствуваа претставници од повеќе синдикати и високообразовни институции, како и министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски. Таа рече дека по стапување на функцијата, сведочела на голем број случаи каде барања за основање синдикати биле криени во фиоки, а процесите за регистрација се влечкале со години.

„Се случувало да се чека од 2011 за регистрација, иако имало поднесени документи.  Некои процедури траеле од две до три години, но имало и такви синдикати чијашто процедура била почната неколку пати, но поради непознати причини биле попречувани. Ако ги согледаме сите аспекти, ќе видиме дека во Министерството се вршело притисок и имале влијание од некои други фактори за тие процедури да не се завршат.

Таа ја искористи приликата да спомене и за новите универзитети, за кои рече дека не верува оти имаат цел да го подобрат високото образование.

„Нè критикуваат дека сме биле против отворањето на нов универзитет. Во секоја нормална демократска држава не можеш да бидеш против унапредувањето на високото образование , но дали отворањето на нови државни универзитети е унапредување на високото образование, или пак, создавање на некоја нелојална конкуренција и девалвирање на веќе докажаните академски кадри во постоечките државни универзитети“, забележа Ременски.

За Тамара Чаусидис, која зборуваше од името на Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија, најголеми непријатели на секој синдикат се законите и работодавците, или во најчест случај тоа се институциите. Како најголем проблем за кој синдикатите заедно треба да се изборат го посочи Законот за работни односи. Според неа, од година во година, овој закон оди на штета на вработените.

„Вашите опоненти се законите, работодавачите, во наш случај тоа се институциите, антисиндикалната атмосфера. Но, поголеми непријатели се цинизмот, сопствената малодушност и чувството дека нема да успеете“, рече Чаусидис.

Пред присутните се обрати и Виктор Илиевски од Синдикатот на културата, кој рече дека вработените во оваа фела се оставени на маргините на академското општество. Тој нагласи дека сите синдикати имаат три заеднички проблеми на кои треба да се фокусираат, а тоа се Законот за работни односи, Законот за јавен сектор и Законот за јавните службеници.

„Станува збор за закони коишто се катастрофални“, рече тој.