Незаинтересираност и лоши патишта – неискористен останува туристичкиот потенцијал на кичевско

Додека континуирано тече процесот на преселба од селата во градовите од каде луѓето бараат подобри услови за живот, постојат и сосема спротивни примери. За тоа говори и приказната на 59-годишниот Раде Момироски кој од Франција се врати во кичевското село Белица, каде веќе 11 години работи со алтернативниот туризам и прави напори да го заживее селото, со цел, како што вели, да направи некаков развој.

Заедно со „Здружението за развој на месната заедница на село Белица“ каде членува Момироски, успеале да ја обноват старата училишна зграда, но и да ја реконструираат црквата „Свети Ѓорѓија“ во селото.

Собир на луѓе во црквата „Свети Ѓорѓија“ за време на Беличките средби во 2018 година

„Црквата ‘Свети Ѓорѓија е комплетно реконструирана и направивме дело со кое може цел кичевски регион да се гордее, со мал амфитеатар, пристапни патишта. Внатре кругот го средивме, ја заштитивме црквата, беше речиси комплетно руинирана, тука работевме неколку години. Неколку години работевме на старата училишна зграда, комплетно беше распадната и ја обновивме. И тоа придонесе луѓето индивидуално да ги обновуваат куќите. Секоја година по неколку куќи се градат нови“, вели Момироски.

Всушност, тоа и била нивната цел, да се поттикне развојот на регионот. Местоположбата е одлична и би била интересна и за странските туристи, вели нашиот соговорник кој посочува дека туристите најчесто доаѓаат на еднодневна екскурзија, како турстички групи со комбиња и автобуси, најчесто од околните градови, но и и со фамилиите од странство.

Но, додава, проблемот со кој се соочува е,  како што вели, малодушност кај населението и недоверба да вложат пари за да направат некој објект, велејќи дека немаат поддршка од институциите.

„Нема таква банка за развој што ќе може полесно луѓето да дојдат до средства, да пишуваат проекти и такви работи, тоа е голем проблем. Ние сме неколку луѓе осамени и се бориме со сопствени средства, да направиме со некои донации од дијаспората што ја имаме и преку неа така го возобновивме малку селото“, објаснува Момироски.

Кичевскиот регион е недоволно истражена област со голем потенцијал за алтернативен туризам

Со природни убавини не изобилува само селото Белица, туку и целиот кичевски регион. Според Анализата за алтернативен туризам и одржлив развој во кичевскиот регион на авторот Александар Панајотов, изработена како дел од проект на организацијата „Еко-свест“, ова е еден од помалку истражените и искористени региони во земјава.

„Големиот број на природни и културни атракции кои надополнети со богатиот биодиверзитет, помошните услуги кои ги нуди регионот, одличната клима и чистиот воздух можат да создадат многу поволни услови за развивање на различни видови на алтернативен туризам, како за странските, така и за домашните туристи, во и вон туристичката сезона“, стои во анализата.

Мапирање на потенцијалите во кичевскиот регион

Воденото богатство, односно, течението на реките Треска, Студенчица, Зајаска река, Рабетинска река, Беличка река, Темница и Туинска река во овој регион е само еден сегмент од она со кое изобилува кичевскиот регион.

Пештерите во оваа област исто така можат да бидат значаен потенцијал за развојот, но, тука се спомнува и богатиот биодиверзитет и кичевската котлина.

Планините пак, се додава во анализата, се едни од најмаркантните природни атракции во регионот кој е опкружен со високи планини кои изобилуваат со шуми и голем број на пасишта.

Фактот кој говори за тоа дека овој регион е неискористен потенцијал за земјава е и бројот на туристи кои ја посетуваат оваа област. Тој постојано варира помеѓу 1.592 и 2.630 посетители годишно, во периодот од 2006 до 2015 година. Година подоцна, во 2016-та се забележува драстичен пад од околу 100%, а во наредните четири години бројката на туристи се движи полека во нагорна линија.

Од 1.054 туристи во 2016, бројката се искачува на 1.175 туристи во 2019 година, што е пораст од околу 11.5 %

На мислењето дека регионот има големи можности за алтернативен туризам, се надоврзуваат и од Планинарското еколошко друштво „Ендорфин“. Претседателот на друштвото Давор Јанкуловски потенцира дека сè уште многу малку се работи на тоа.

„Нашата цел како друштво, особено на почетоците, беше да направиме што повеќе обележани планинарски патеки и барем малку да ги прикажеме можностите што ги нуди овој регион. Досега не наоѓаме некоја поголема поддршка кај локалните власти, а и многу мал број поединци се интересираат да се вклучат во волонтерски активности. Како клуб успеавме да го приспособиме старото училишен објект во с. Прострање, под Илинска Планина, во мал планинарски дом со 12 легла“, објаснува Јанкуловски.

Според него, како најголем проблем тука се јавува сечата на шумите, но и дивите депонии, за кои вели дека постојат речиси во секое село, додека решение за тој проблем, надлежните институции не наоѓаат.

„Исто така, голема пречка за развој на алтернативниот туризам е лошата инфраструктура и ‘достапноста’ до повеќе од планинските села“, додава Јанкуловски.

Истото е потенцирано и во анализата на Панајотов, каде се посочува дека патната мрежа во кичевскиот регион, но и во целиот Југозападен плански регион, е недоразвиена, особено регионалните патишта од втора категорија.

„Регионалните патишта Р1303 (Кичево-Македонски Брод) и Р1305 (с.Другово-Демир Хисар) на одредени делници се во лоша состојба, додека регионалниот пат Р2246 (с.Извор-Бошков Мост) има голем дел земјен коловоз. Мрежата на локални патишта е главно во лоша состојба, а наместа постојат делници кои не ги задоволуваат основните стандарди и претставуваат пречка за нормално одвивање на сообраќајот. Во целиот ЈЗПР дел од локалните патишта постојано се реконструираат и надоградуваат (околу 3% до 2015 година), меѓутоа процентот е занемарлив“, се вели во анализата.

Регионот иако е добро поврзан со другите делови на државата, главно преку државниот пат А2 кој минува директно низ општините Зајас, Кичево и Другово, состојбата на патот е во релативно лоша состојба. Сепак, надеж влева тоа што состојбата на патот се подобрува поради интервенциите во делот на превојот Стража и на релацијата Кичево – Охрид, каде е во тек изградба на автопатот.

Со развој на алтернативен туризам до намалување на невработеноста

Регионот, како што пишува Панајотов, има добри предуслови за развој на алтернативниот туризам и задоволувањето на потребите на туристите. Според информациите кои тој ги добил, како најзначајни форми се издвојуваат еко-туризмот, селскиот и авантуристичкиот туризам со активностите кои се можни на целата територија на регионот како, планинарење, велосипедизам, пешачење, јавање коњи и слично.

Исто така, тука не се изоставуваат и риболовниот и ловниот туризам, културно-историскиот, верскиот, гастрономскиот и етнографскиот туризам за кои се наведува дека можат да ја надополнат туристичката понуда.

Со развојот на алтернативните форми на туризам, покрај тоа што ќе се придонесе за намалување на стапката на невработеност, ќе се придонесе и за намалување на миграцијата село-град, се посочува во анализата.

„Сето тоа во иднина би создало нови можности за подобрување и зголемување на квалитетот на услугите во руралните средини со цел привлекување повеќе туристи: ревитализација и адаптација на објекти, обука на туристички и водичи во планина итн“, се објаснува во анализата.

Масовниот туризам, во анализата се посочува дека прави голем еколошки притисок врз природата, дека тој го менува составот на работоспособното население, со кое работната сила од гранките како земјоделие и слично, преоѓаат во услужните дејности на туризмот и угостителството, а со тоа нарушувајќи ја заедницата и нејзиниот културен идентитет.

Карактеристики на масовниот и алтернативниот туризам

„Како одговор на овие негативни ефекти, се појави потреба од поинаков пристап во туризмот со цел да се намалат негативните ефекти врз туристичките дестинации, населението и природата“, се објаснува во анализата.

Според информациите во табелата која ја направил Панајотов, разликите се големи. Во нејзе, меѓудругото, се посочува дека масовниот туризам е сезонски, нестабилен, неконтролиран и се стреми кон згоелмување на профитот во краток временски рок.

Наспроти него, алтернативниот е контролиран, стабилен, често функционира и надвор од туристичката сезона, со стремеж за остваруавње профит на долгорочна основа која се распределува на локално ниво.

Државните институции не можат да го разберат значењето на селото и селскиот туризам

Момироски, повратникот во Белица, смета дека доколку нема соработка помеѓу здруженијата и институциите, работата „тешко ќе тргне“.

„Прво што имаме забележано, во државните институции немаат капацитети луѓето да разберат што е селото, што е селскиот туризам, оттаму е најголемиот проблем, што министерството не им дава поддршка на здруженија кои се спремни да соработуваат, да ги поддржуваат“, вели Момироски.

Според него, здруженијата во земјава се оцрнети од институциите, поради како што вели, многу здруженија се формирани на политичка основа, а не им е јасно дека постојат здруженија за развој.

Правејќи споредба со Франција, Момироски вели дека државата им дала големи можности и одврзани раце на здруженијата да работат на месните заедници.

„На пример сто места да имам јас во Белица од државата… сто места државата ќе ги даде по некоја симболична цена, да им овозможат на младите луѓе да градат во селото. Сакаат многу да градат, ама поради (н.з. проблем со) имотноправни односи, каде што имаат имот не можат да го разрешат. Оттука кога би почнало институциите тој проблем да го решат со искусни лица од странство, како се регулира тоа, ќе можат луѓето да градат, да го развиваат туризмот, сточарство“, вели Момироски.

Идиличен поглед кон селото Белица

„Туризмот со секоја гранка од земјоделието и сточарството е поврзана, ако имаме ние ресторан во Белица, сите земјоделци кои ќе произведуваат мед, млеко, зеленчук, се би се трошело тука.

Значи, проблем е голем институционален, не е толку овде проблемот финансики, колку што е заглавен со препреки, да дојдеш до некаква реализација“, истакнува Момироски.

За споредба, додава дека кога градел куќа во Франција, како што вели, за пет минути добил дозвола, додека во Македонија се изнамачил да добие дозвола за градење во селото.

Заедно со туристичките агенции и туроператорите потребно е да се работи на промоција на оваа дестинација на домашниот и странскиот пазар, поради фактот што регионот како туристичка дестинација е се уште непознат, се објаснува во анализата на Панајотов. Истовремено, таму се додава дека треба да се обрне и големо внимание на заштита на природита и одржливиот развој доколку регионот сака да го задржи статусот на еко-дестинација.

Мартин Колоски