Невремето предизвика штета на крајбрежјето на Охрид, екипите го расчистуваат теренот

Силниот ветар, кој дуваше со брзина од над 90 километри на час, предизвика штета на повеќе места на крајбрежјето на Охрид, соопштија од Кризниот штаб на општина Охрид.

„Нивото на Охридското Езеро е на  693,78 метри, односно 3 сантиметри  над дозволената кота од 693,75 метри. Силниот ветер од над 90 километри на час, предизвика бранови во висина од 120 сантиметри. Кризниот штаб е во постојана комуникација со АД ЕЛЕМ, од каде велат дека кај Дрим се испуштаат по 20 метри кубни во секунда“, информираат од Кризниот штаб.

Екипите на јавните претпријатија вчера цел ден беа на терен расчистувајќи, а противпожарната единица имала осум интервенции на паднати оџаци. Најголеми оштетувања, како што известуваат од Кризниот штаб, има на крајбрежните објекти на потегот од Канео до градскиот плоштад.

„Правните и физичките лице кои се оштетени од невремето од понеделник ќе можат да поднесат барање за обештетување. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава ќе излезе на терен“, се вели во соопштението.

Од Кризниот штаб се апелира да се тргнат автомобилите и да се регулира сообраќајот во стариот дел на Охрид за да може механизацијата непречено да работи на расчистување.