Невработеноста ги брка младите од Македонија

Невработеноста ги брка младите од МакедонијаМладите политичари денеска дебатираа за невработеноста и одливот на мозоци и решенијата за спречување на овој тренд. Претставници на политички партии од 15 активни младински организации во земјата, учествуваа на дебатата организирана од страна на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – ОХРИД.

Парламентарките Тања Томиќ од СДСМ и Ермира Мехмети Деваја од ДУИ, споделувајќи го своето искуство, посочија дека се потребни стратегии што ќе спречат одлив на мозоци и ќе овозможат зголемување на вработеноста на младите, пренесе МИА.

За Тања Томиќ од СДСМ, дебатата е добра можност за политички дијалог меѓу подмладоците на политичките партии. Според неа, освен за невработеноста и одливот на мозоци, треба да се разговара и за миграцијата на работната сила внатре во Македонија. Многумина, вели таа, бараат начин како да заработат, се повеќе и во арапскиот свет. Таа смета дека одливот на мозоци е поврзан со доброто образование и секако добрите плати, но и условите за работа.

Предложи неколку решенија како долгорочна, правна и институционална рамка, креирање база на податоци на експерти како од Македонија така и за граѓани кои работат во странство и комплетна државна стратегија за младите.

Пратеничката од ДУИ, Ермира Мехмети Деваја смета дека одливот на мозоци е предизвикан од економски и политички причини бидејќи младите бараат подобра заработувачка.

„Во Македонија треба да се воспостави политика која ќе гарантира реална, независна пазарна економија ослободена од политика.Ова ќе не направи поконкурентен пазар. Потребна е реформа на јавната администрација во смисла таа да се ослободи од политички влијанија и да не биде главниот работодавач на младите луѓе“, изјави Деваја.

Според неа, главната задача и одговорноста за решавање на невработеноста на младите и одливот на мозоците останува на владата, без разлика која политичка гарнитура е на власт.

Отворање на работни места во секој град и спречување на миграцијата на младите е еден од предлозите што беше посочен од Бојан Бошковски, член на Младинската организација на Демократскиот сојуз.

Слободанка Алексовска од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ вели дека целта на владејачката партија и на Унијата е на младите да им се предочи дека нивниот личен успех е успех и на државата и дека нивното место е во Македонија. Според неа, ситуацијата е променета, а претприемништвото го посочи како еден од начините и можностите за вработување односно самовработување на младите луѓе, пренесува МИА.