Невработеноста е број 1 проблем за младите – Како најлесно решение го бираат заминувањето во ЕУ

За повеќе од половина од младите (58,4 %) невработеноста е најголем проблем, по што ги наведуваат материјалната и економска независност (50,8 %), како и алкохолизмот, зависноста од дрога, деликвенцијата и слично (45,9 %). Ова се дел од податоците кои ги добиле од Коалиција СЕГА за нивната почетна студија со која ги истражуваат младинските трендови.

Младите го делат мислењето дека стандардот за живот е низок, но, од друга страна, има мала мотивираност кај младите да го подигнат, а најчесто како најлесно решение се бира заминувањето од земјата во ЕУ. Сепак, свесни се дека тие се оние што треба да ја дизајнираат својата иднина.

„Слободното време на младите луѓе се сведува на посета на кафулиња и гледање ТВ, што ни од далеку не е доволно за добар квалитет на живеење. Младите сметаат дека најдобар начин и мотивација за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации, што е одлична можност за вклучување имајќи предвид дека најголем дел граѓанските организации вклучени во ова истражување делуваат на учество на младите во јавниот живот“, изјави Софија Георгиевска, главниот истражувач за студијата.

Понатаму во истражувањето се наведува дека дигитализацијата на образованието е позитивно прифатена поради големиот број предности, особено во однос на лесната достапност до повеќе образовни ресурси, но како проблем младите го истакнуваат тоа што сите ученици немаат еднакви можности за настава.

Младите сметаат дека реформите и дигитализацијата на образованието се процес за кој треба поопсежна дискусија и дебата за да се изнајдат најсоодветни решенија. Според младите, учениците и родителите не се вклучени и консултирани во образовниот процес.

„Младите не се задоволни од квалитетот на постоечките мерки и политики за младите луѓе (политиките во однос на здравството, образованието, вработувањето, домувањето, културата итн.). Дополнително на тоа, многу мал дел од младите (28,8 %) се запознаени со Законот за младинско учество и младински политики а уште помалку со Националната стратегија за млади 2016 – 2025 (19,4 %). Повеќе од половина од испитаните млади не се информирани дали постои локална стратегија за млади во нивната општина“, се вели во истражувањето.

Иако младите имаат генерално позитивен став кон младинскиот активизам, тие многу малку се задоволни со моменталното ниво на младинско учество во процесите на креирање политики за млади. Ова мислење го делат и граѓанските организации – само 8,2 % од претставниците на граѓанскиот сектор сметаат дека владата има функционален механизам за младите да можат да даваат повратни информации за квалитетот на политиките, програмите и услугите. Од друга страна, пак, 39 % од организациите истакнуваат дека нивната организација не учествувала во циклусот на донесување одлуки и креирање политики / услуги во изминатите 12 месеци.

Само 20,3 % од младите во последните 12 месеци учествувале во некој процес на донесување одлуки во училиште, факултет, општина или во владина институција. Малку поголем процент од 30,6% млади изразиле став на социјалните медиуми во последните 12 месеци.

Според Коалиција СЕГА, алармантен е податокот дека само 22,9 % од младите слушнале за локални младински совети што за нив укажува дека локалните младински совети генерално не допираат до најголем дел од младите лица. Сепак, само 20 % од младите сметаат дека ЛМС можат ефективно да ги застапуваат интересите на младите. Дополнително, младите сметаат дека најдобар начин и мотивираност за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации.

„Се наоѓаме во период од фазата на спроведување на законот за младинско учество и младински политики, сметаме дека проектот значително ќе придонесе кон негово спроведување особено во делот на воспоставување на посистематска соработка со граѓанското општество кон суштинско младинско учество. Со проектот директно ќе ја поддржиме работата на локалните службеници за млади, ќе дадеме придонес во развојот на волонтерството и ќе им помогнеме на општините во развојот на локалните политики за млади, промовирајќи ненасилна комуникација и родова еднаквост“, изјави Зоран Илиески, тим лидер на проектот и извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.

Изработката на студијата е дел од проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, финансиран од Европската унија.