Невладините започнаа 16 – дневен активизам за борба против насилство врз жените

Невладините започнаа 16 дневен активизам за борба против насилство врз женитеМакедонските здруженија се придружија на одбележувањето на меѓународната кампања „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“која почнува денеска, на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените и ќе трае до 10 декември.

Во Првиот семеен центар на Град Скопје, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување-ХЕРА заедно со Националната мрежа  против насилство врз жените и семејно насилство и Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ ги презентираа деталите за кампањата и укажаа на бројните проблеми со кои се соочуваат. Тие посочуваат дека иако е усвоената стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 , многу од работите наведени во стратешките документи и протоколи не се спроведуваат соодветно во пракса.

Граѓанските здруженија укажаа на недостигот од шелтер центри за поддршка и заштита на жртви на семејно насилство 24 часа, здравствени институции кои реагираат и пријавуваат семејно насилство по службена должност, полициски станици кои интервенираат по пријава за семејно насилство независно од тоа колку пати веќе биле во тоа семејство, но и советувалиштата за работа со сторители на семејно насилство низ градовите во Македонија.

Здруженијата побараа Македонија, која е потписник, што побрзо да ја ратификува Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (позната како Истанбулска конвенција) која преставува прв сеопфатен правно обврзувачки документ кој ги регулира сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашно насилство.  Конвенцијата е потпишана од 27 земји, но ратификувана од осум.

„Постоечките ресурси и услуги се однесуваат доминантно на жртви на семејно насилство, а останатите видови на насилство врз жената, особено сексуалното насилство се практично изоставени. Организациите и институциите имаат недостаток од стручен кадар обучен за работа со други форми на насилство. Не постои стандардизација на услугите и сервисите помеѓу даватели, со исклучок на пилотирањето на стандардите за бесплатна правна помош. Организациите кои нудат услуги се најчесто сконцентрирани во урбани средини, па со тоа и достапноста на услугите е лимитирана и диспропорционална“, посочуваат граѓанските здружнија.

На прес конференцијата беше најавена и кампањата ПОТПИШУВАМ – на иницијатива на  Националниот совет за родова рамноправност. Со потпишувањето на онлајн петицијата на веб сајтот http://www.potpisuvam.org/mk/potpisuvam.html, секој може да го даде својот придонес за тоа што побргу да се ратификува оваа конвенција.

Кампањата ПОТПИШУВАМ е  во рамки на проектот „Со заеднички напори – Кон нови европски стандарди во заштита на жените од родово базирано насилство“ финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е придонес кон воспоставување на сеопфатни законски решенија и политики за заштита од родово засновано насилство во Западен Балкан, како услов за постигнување на демократија, исполнување на човековите права, социјално вклучување и усогласување со вредностите на ЕУ.

Во рамки на напорите за спречување на семејното насилство, ХЕРА минатиот месец отвори советувалиште за семејно насилство кое нуди поинаков холистички пристап кој преку психосоцијална работа ќе ги третира сите чинители од семејството.