Невладините до „Македонски железници“: Престанете да профитирате од маката на бегалците

Запрепастени од селективниот начин на кој „Македонски железници“ им го наплаќа превозот на бегалците кои минуваат низ Македонија, како и отсуството на надлежните институции на терен, Хелсиншкиот комитет, Здружението на млади правници, Фондацијата „Отворено општество“ и невладината организација „Легис“, денеска упатија повик до јавното претпријатие да престане да профитира од маката на овие луѓе. Исто така, апелираа Владата итно да покрене мерки за надзор врз работата на оваа државна компанија.

Цената на секој поединечен билет за овие корисници е 25 евра и таа е за 3,5 пати повисока од редовната цена на билетот кој изнесува околу 7 евра. Редовните попусти за деца, семејства и групи не се применуваат, велат активистите кои секојдневно им помагаат на бегалците.

„Беше ноќ, не ми го видоа обележјето, дека сум од организација, им наликував на бегалец и со свои очи можев да видам како им се наплаќаат 25 евра на мали деца од 3, 4 или 5 години. Кога видов што се случува, бурно реагирав, дека не е фер, дека е спротивно на законот. Имаше едно семејство со 7 деца, значи група и човекот почна да ги брои на англиски и направи математика колку треба да платат за билети. И кога реагирав, тој рече – „добро ајде платете само една“. Јас реков дека треба да платат како што е законски. Проблемот е што и полицијата се движи до последната оград и никој нема контрола над тоа што се случува кога кондуктерот наплаќа“, рече Мерсиха Смаиловиќ, од невладината „Легис“.

Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска го осуди отсуството на медицински екипи и претставници од Министерството за труд и социјална политика.

„Јасно е дека државата ниту има волја ниту капацитети да им го пружи потребното на бегалците додека транзитираат низ Македонија. Видливоста на државата и нејзините претставници е се уште минимална. Нема мобилни медицински екипи, ниту има претставници од Министерството за труд и социјална работа. Од тие причини, ние, освен што даваме бесплатна правна помош, го следиме однесувањето на полицијата, обезбедуваме и социјална заштита“, нагласи Пировска.

Невладините велат дека цените се прескапи за тие услови што им се нудат на бегалците. Тие запрашаа каде одат парите од профитот, кој како што велат изнесува околу пет милиони евра месечно.

„Бараме доколку не е можно целосно ослободување на обврската да ги плаќаат картите, итно намалување на цените на билетите и нивно изедначување со цените на билетите кои што важат за македонските државјани. И бараме надлежните институции да извршат надзор над финасиското работење на едно од најголемите државни претпријатија ЈП Македонски железници, кое со неоправданото зголемување на цените на јавниот превоз за бегалците, во јавноста ги зголемува сомнежите дека профитира на маката и страдањето на луѓето што поминуваат низ државата, посочи Фани Каранфилова Пановска, извршен директор на ФООМ.

Во јавниот повик се приклучија и од македонското Здружение на млади правници кое веќе шест години на бегалците им дава бесплатна правна помош. Меѓутоа, „Македонски железници“ и Владата се уште не се огласија на досегашните апели за намалување на цените на билетите и за воспоставување на еднаков третман во јавниот превоз.