Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство испрати барање до кандидатите и кандидатките за градоначалници на претстојните локални избори за вклучување на специјализирани сервиси за жени и девојчиња жртви на различни форми на насилство во нивните предизборни програми.
Со тоа би се вовел минимум пакет на специјализирани сервиси во рамки на еден плански регион, а со кој ќе се унапреди достапноста и пристапноста на сервисите за жените од урбаните и руралните заедници, како и за жените со различни видови попречности. Пакетот на сервиси опфаќа: Засолниште/ Шелтер центар, Кризен центар, СОС линија, Советувалишен центар за психо-социјална поддршка и Бесплатна правна помош. Дополнително, од кандидатите се очекува да предвидат и пакет на социјални мерки за овие жени со цел да го олеснат нивниот процес на осамостојување и економско јакнење по напуштање на насилната средина.
Од Националната мрежа потсетуваат дека во ноември минатата година, лидерите на 17 политички партии ја потпишаа Заедничката Декларација за спречување и борба против насилство врз жените. Со тоа тие се обврзаа да ја ратификуваат Истанбулската конвенција доколку бидат избрани во новиот состав на Парламентот и да обезбедат финансиски средства за специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство.
Процесот за ратификација на Конвенцијата е веќе започнат и е очекувано да се случи до крајот на годинава. Самата Конвенција предвидува вклучување на локалната самоуправа во обезбедување на заштита од сите форми на родово базирано насилство, како што веќе е дефинирано и во постоечкиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
„Јавната заложба на кандидат(к)ите за градоначалници ќе биде значаен чекор во решавање на проблемот на достапни сервиси и услуги за жртви на родово базирано насилство на локално ниво и ќе биде јасен показател за свесноста за постоење на овој проблем кој го засега половина од населението (жените и девојчињата) и потребата од негово што поефективно решавање“, велат од Националната мрежа.
„Македонија е земја со висока стапка на родово базирано насилство, вклучувајќи семејно насилство, што продолжува да бидe еден од водечките социјални проблеми во земјата кои пошироко од влијанието врз индивидуите, оставаат сериозни последици врз семејствата, заедниците и целокупното општество, но и резултираат со значајни економски и социјални трошоци за земјата“, сметаат тие.
Националната мрежа во 2016 година изработи Мапирање на достапните услуги за жени жртви на насилство со заклучок дека Македонија далеку заостанува зад воспоставените основни стандарди дефинирани во Конвенцијата на Советот за Европа за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство (Истанбулска конвенција), која предвидува постоење и на специјализирани услуги покрај општите/генерални сервиси кои ги обезбедува центарот за социјална работа.