Невладини организации: Итно треба да се определат заштитени зони за реките

Итно треба да се определат заштитени зони за реките, односно реки кои ќе бидат изземени од идни проекти за хидроенергија, е ставот на невладините организации Фронт 21/42, Ревервоч и ЕуроНатур, кои вчера заедно со претставници на владата, експерти, бизнис и локалната заедница дискутираа на втората меѓународната конференција „Хидроенергетските проекти и заштита на природата – предизвици и решенија“.

На конференцијатга за прв пат во Македонија беше презентиран првиот национален пристап за дефинирање на заштитени зони за водотеците односно, реки кои не смеат да бидат предмет на идни хидроенергетски проекти.

Пристапот се заснова на „Регионален Еко-Мастер план за Балканските реки“, изготвен од невладините организации Ревервоч и ЕуроНатур во соработка со експерти. Овој просторен план за водотеците меѓу Словенија и Грција ги дефинира заштитените зони за водотеците врз основа на еколошката вредност на соодветните реки.

Организациите потенцираат дека е извршена стручна процена на 5.658 километри реки – односно анализирани се повеќе од 70% од сите реки, рекички, потоци, повремени водотеци и слично. Согласно извршената процена, 4.647 километри, односно над 80% од анализираната дренажна речна должина поседува високо конзервациско значење по однос на речниот диверзитет и висок хидро-морфолошки статус. Во овој процент влегуваат и 1,841 километри водотеци кои се наоѓа во заштитени подрачја.

„Првата и најважна функција на заштитените подрачја е да ја зачува природата – проектите за хидроенергија со нивниот катастрофален ефект врз природата и биолошката разновидност не припаѓаат во заштитените подрачја како националниот парк“, рече Тереза Шилер, раководителка на проектот во фондацијата ЕуроНатур, една од НВО кои координираат кампањата „Спаси синото срце на Европа“.

Локалниот партнер во кампањата повика на итно прогласување на заштитни зони за реките.

„Новата Стратегија за развој на енергетиката до 2035 година, мора да ја рефлектира меѓународната цел за биолошка разновидност и да ги исклучи идентификуваните така наречени НОУ – ГОУ зони за развој на хидроенергетски проекти“, рече Александра Бујароска, извршен директор на Фронт 21/42.

Еко-Мастер план за Балканските реки го поддржа и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули. Според него, потрагата по обновливи извори на енергија треба да се насочи кон подрачја кои не се заштитени и во кои, со изградба на објекти за производство на електрична енергија нема да се загрози природата и биодиверзитетот, воедно потенцирајќи го значењето на хидропотенцијалот на реките.

„Она што како институции можеме да го направиме е да ја зголемиме меѓусебната координација меѓу Министерството за животна средина и Министерството за економија со граѓанските организации за соочување со предизвиците и изнаоѓање на заеднички решенија за проблемот со изградба на хидроцентралите, но со поголемо вклучување на науката“, рече Макрадули.

Презентациите беа проследени со дискусии помеѓу различните групи на засегнати страни, a конференцијата ја потврди потребата од континуирана дискусија на оваа тема со цел изнаоѓање на заеднички решенија. Заклучоците од конференцијата ќе бидат доставени до националните власти задолжени за подготовка и усвојување на новата Стратегија за развој на енергетиката.

Инаку, кампањата „Спаси синото срце на Европа“ има за цел да ги заштити највредните реки на Балканот од бран цунами од околу 3.000 планирани проекти. Кампањата е координирана од страна на невладините организации Ривервоч и ЕуроНатур и се спроведува заедно со партнерските организации во балканските земји.

Националниот тим на кампања (Фронт 21/42 и Еко-свест) покрена петиција за заштита на реките од хидро енергетските проекти.