„Невидливи љубови“, втор роман на Владимир Јанковски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави новиот роман на Владимир Јанковски, Невидливи љубови. Невидливи љубови, инаку втор роман на Јанковски, е составен од три приказни, во кои авторот преиспитува некои од клучните аспекти на современата љубов: односот меѓу присуството и отсуството, опседнатоста со појавното и со видливото, идејата за Другиот како конструкција и како фикција. Романот е објавен со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

Како се однесува кон девојката што ја сака некој кој може да се преобразува во предмети? На кој начин сака човек опседнат со набљудување? Што прави оној кој, секогаш кога ќе се доближи до девојката во која е вљубен, станува невидлив? Ова се само дел од клучните прашања во романот.

Современиот човек стана толку преокупиран со сликите и фотографиите кои насекаде доминираат што се чини дека севкупното спознание, но и начин на живот, целосно се поврзани со визуелниот имагинариум што постојано нè напаѓа. Романот тргнува од претпоставката дека заситеноста на визуелното во нашиот свет ја анестезира способноста за перцепција на сето она што се наоѓа надвор од доменот на видливото. Трите централни ликови се фатени во замката токму на оваа егзистенцијална ситуација: првиот може да комуницира на посакуваниот начин со жената што го привлекува само кога не е во својот човечки облик, т.е. само кога ќе се претвори во предмет; вториот е опсесивен набљудувач, кој создава фикции за светот што го посматра, речиси без потреба да ја надмине воајерската дистанца меѓу себе и изворот на неговите конструкции и желби; третиот е принуден да бара алтернативи за вообичаеното физичко присуство покрај онаа што го привлекува зашто секогаш кога ќе ѝ се доближи станува невидлив. Сите тие ќе преземаат одредени акции, кои потоа ќе ги доведат до сознанија за кои претходно не ни претпоставувале дека постојат…

Две нетипични бајки за возрасни премостени со една филмски раскажана приказна, во кои како во музичка композиција идеите варираат, се надополнуваат, си противречат или течат паралелно една покрај друга. Бајковидните елементи се комбинирани со речиси сирово реалистички описи и токму во тој спој лежи еден од најпривлечните елементи на текстот.

Владимир Јанковски е роден во 1977 година во Скопје. Завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Досега ги објавил книгите: Огледало за загатката (2003, разговори со Влада Урошевиќ), Скопје со широко отворени очи (2008, фотоесеј, заедно со фотографот Иван Блажев), Лицата на невидливиот град (2010, фотоесеи, заедно со фотографот Иван Блажев), Вечно сегашно време (2010, роман). На македонски јазик превел книги од: Дубравка Угрешиќ, Ијан Мекјуан, Сузан Сонтаг, Џон Фанте, Маргарет Етвуд, Филип Дик, Чарлс Буковски и др.