Компанијата „Нетфликс“ соопшти дека работи на идејата да им препушти на гледачите сами да го одредат расплетот на приказната во една телевизиска серија – принцип сличен на оној околу детските книги од 80-те: „Избери ја својата авантура”.
Овој концепт прво ќе биде испробан на детски серии до крајот на 2017 година и ако се покаже како успешен, ќе биде применет и кај програмите за повозрасната публика.
Според извршните раководители на компанијата, краевите на сериите ќе се снимаат во повеќе верзии, а гледачот со своето далечинско ќе може да бира која да го гледа.
– Ќе видиме како сето тоа ќе изгледа во реалноста и дали ќе биде успешно. Станува збор за експеримент и една целосно непозната територија за продуцентите“, изјави претставник на „Нетфликс“.
Сепак, ова и не сосема нов „изум“. Кај ДВД изданијата на голем број филмови веќе со години има опција „алтернативен крај“ во додатоците.
Но, како секоја друга нова идеја, така и оваа има свои поддржувачи и противници. Оние кои не се согласуваат овој концепт сметаат дека на тој начин ќе се намали значењето на креативноста на авторите и нивната оригиналност.