Нетфликс можеби ќе почне да работи и без интернет

Иако рекоа дека „офлајн плејбекот“ никогаш нема да се оствари во 2014 година, Нетфликс решија да размислат повторно за таа можност, а извршниот директор Рид Хестингс изјавил дека компанијата мора да смета на тоа.

Сега, се чини дека работат на функција за преземање на филмови преку апликацијата.

„Знаеме од нашите извори во индустријата дека Нефликс ќе го лансира овој производ“, изјавил директорот на Пентера, Ден Теитз, кој соработува со гигантот за стрим на филмови и серијали. „Моите очекувања се дека до крајот на годината, Нетфликс ќе лансира „download-to-go“ опција за своите корисници“.

Тој не е единствен кој шпекулира за новата услуга. Аналитичарот на  Фрост и Саливан, Ден Рејбурн, додава: „Природна прогресија за Нетфликс е да сака нешто од неговата содржина да биде достапно за корисниците да гледаат офлајн, а веќе со месеци слушаме дека ќе воведат новост наскоро“.

Нетфликс ги нема потврдено шпекулациите дека работи на новата услуга, за која се смета дека ќе биде ограничена само на оригиналната содржина продуцирана од Нетфликс.

Офлајн услугата е побарувана од корисниците одамна, бидејќи би им овозможила на луѓето полесно да гледаат содржини додека патуваат, или во области со лош сигнал или без интернет конекција.