„Нетфликс“ изгуби речиси милион претплатници од април до јули годинава

По долгото уживање во позицијата „крал на стриминг платформите“, „Нетфликс“ се соочува со голем пад на бројот на претплатници, а со тоа и да го задржи водечкото место меѓу платформите за гледање филмови и серии.

Во периодот меѓу април и јули годинава, „Нетфликс“ претрпе загуба од речиси милион претплатници. Првото намалување го пријави во април, а по тоа следуваше кратење на работните позиции во неколку наврати, а исто така и зголемување на цената на пакет услугите што ги нуди.

„Стандардниот“ пакет услуги достапен во САД што им овозможува на луѓето да гледаат од два уреда во ист дом сега чини нешто повеќе од 15 долари месечно за разлика од јануари кога беше 14 долари и во 2019 кога пакетот беше само 11 долари.

Загубата на претплатници што беше пријавена вчера беше најголемата во историјата на компанијата, а најголем дел од корисниците се од САД и Канада, а веднаш по нив и од Европа.

Позицијата „најпопуларна стриминг платформа“, „Нетфликс“ ја доби за време на пандемијата во 2020 година, кога луѓето заглавени дома беа опседнати со гледање „Squid Game“ и „The Crown“.

Но, откако се вратија пред-пандемиските навики кај луѓето, „Нетфликс“ се соочува со проблем да стекне нови претплатници. Исто така, тука е и големата конкуренција од фирми како „Apple TV“, „HBO Max“, „Amazon Prime“ и „Disney+“.

Сепак овие загуби не се толку големи колку што самата компанија очекувала. Оттаму велат дека ако треба да изберат една причина поради која овој број не е уште поголем е новата сезона на мегапопуларната серија „Stranger Things“.

Аналитичарот Гај Бисон од аналитичката фирма „Ampere Analysis“, вели дека „Нетфликс“ постојано се обидува да достигне генерална публика со што содржината станува многу поширока и побогата со разновидни филмови.

„Мислам дека токму тоа е причината што се повеќе луѓе велат дека има многу работи што не им се допаѓаат. Тоа е навистина голем предизвик“, вели Бисон.

Од „Нетфликс“ очекуваат нивната поевтина понуда поддржана од реклами да биде достапна на почетокот од идната година и додаваат дека се трудат што е можно повеќе да учат за потребите на корисниците со цел да ја подобрат нивната понуда.