Несторовска: Мигрантската криза бара максимална свесност, проблемот на соседот е и твој проблем

Мигрантската криза е комплексен предизвик и бара комплексен, координиран и менаџиран одговор. Мигрантската криза бара искреност, посветеност на сите земји, на целата меѓународна зедница, порача државниот секреатар Магдалена Несторовска, на Виенската Конференција за партнерства за миграција – рамки за безбедна, уредна редовна миграција, во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ICMPD) која се оддржа вчера во Виена.

„Оваа криза бара максимална свесност на секој чинител дека проблемот на соседот е и твој проблем и дека никој не може херметички да се затвори во стаклено звоно и само да набљудува што се случува во соседната земја, во другите земји. Подршката која Република Македонија ја доби беше испит за многу земји. Испит кој се полагаше на нашата граница, а го полагаа и многу земји, го полагаше Европа“, истакна Несторовска.

Како што информираат од МВР,  Несторовска која била панелист во делот „Партнерства за миграција и оперативна соработка“ оценила дека испитот со мигрантската криза е положен, но и дека тоа не значи дека во иднина нема да полагаме вакви или слични испити.

„Ова само покажува дека зедничкиот одговор на било која криза не е флоскула, туку е суштински и вистинско опција за успех“, нагласува државниот секретар во МВР.

Виенската Конференција за миграција е главен годишен настан на ICMPD, на кој воедно присуствуваат политичари, високи функционери, експерти и практичари, меѓународни и невладини организации. На Конференцијата се дебатира за концептот на Партнерства за миграција како клучен аспект за градење на безбедна, уредна  и редовна миграција, како што е утврдено со Њујоршката Декларација од 2016 година.

На маргините на Конференцијата, Несторовска остварила и билатерална средба со Генералниот Директор на ICMPD, Михаел Шпинделегер.

МИА