Непродадени стојат 5.000 станови, а се градат над 10.000 нови

Не стивнуваат реакциите во јавноста по најавата дека висококатници ќе се градат на паркингот спроти Градскиот трговски центар во Скопје кои ќе уриваат нови рекорди во височина по објектите на „Џеваир“ во општина Аеродром. Кој ќе ги купува овие станови и дали на пазарот воопшто има потреба од толкава станбена експанзија ако сега зад трговскиот центар „Рамстор“ исто така во центарот на главниот град се гради деловно-станбениот комплекс „Дајмонд“, како и дека се спомнуваат продажни цени на становите до 1.800 евра по квадрат?

Во Македонија, а посебно во Скопје понудата на станови одамна ја надминува побарувачката, а најдобар показател за тоа се извештаите од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности кои откриваат дека иако пазарот има над 5.000 непродадени станови, во моментов се градат двојно повеќе, анализира Мета.

„Во периодот јули – септември 2018 година, на целата територија на Република Македонија се продадени 792 новоизградени станови. Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со септември, на целата територија на Република Македонија има 5.345 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 55 стана. Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 10.875 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови“, се вели во последниот извештај од Регистарот на цени и закупнини.

Високите профитни маргини на градежните компании се главната причина за ваквата експанзија. Според економската логика, зголемената понуда на станови би требало да придонесе кон значително намалување на цените на станбениот квадрат со оглед на тоа што побарувачката не ја следи страната на понудата со исто темпо. Сепак, иако податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминатиов период има благо намалување на цената на станбениот квадрат тоа се уште не е доволно за да можат повеќе млади лица да дојдат до сопствен стан.

Конкретно за Скопје, каде што пазарот на недвижности е најразвиен, претставниците на агенциите за недвижности во разговор велат дека има намалување на цените на становите во периферните делови на градот, додека цената на новите станови во условно кажано поатрактивните населби како Центар, Водно, Тафталиџе е зацементирана со години наназад и се движи меѓу 1.100 и 1.350 евра за квадрат.

Од Народната банка велат дека во изминатиот период, македонските банки даваат значаен придонес во пресретнување на понудата и побарувачката на станови, преку кредитна поддршка и на компаниите коишто се јавуваат како инвеститори или изведувачи на изградба на станови, и на населението, преку станбени кредити.

„Почнувајќи од средината на 2015 година па наваму, станбените кредити се најбрзорастечкиот сегмент од кредитното портфолио на банките, со годишни стапки на раст коишто тековно достигнуваат 15 отсто. Тековно, речиси 30 отсто од кредитите одобрени на физички лица отпаѓаат на станбените кредити. Банките ги нудат станбените кредити по историски најниски каматни стапки. Вообичаено, од клиентите се бара да имаат свое учество во купувањето на станот со кредит и да имаат месечен доход којшто ќе овозможи соодветна покриеност на месечните обврски за кредитот. Во овој контекст треба да се има предвид дека физичките лица можат да добијат финансиски средства и од државата, за дел од учеството или за дел од ануитетот за отплата на станбен кредит под услови и на начин пропишани со Законот за субвенционирање станбен кредит. Имено, овој владин проект (попознат како „Купи куќа, купи стан“) започна во 2012 година и секако дава определен придонес за позасиленото станбено кредитирање во нашата земја“, велат од НБРМ.

Оттаму додаваат дека во нашата регулатива, согласно барањата на Базелските капитални спогодби, станбените кредити (поточно кредитите коишто се покриени со хипотека на станбен објект и коишто исполнуваат одредени пропишани критериуми) се вклучуваат со пондер од 35 отсто во пресметката на капиталните барања за покривање на кредитниот ризик, што е еден од пониските пондери предвидени во регулативата (колку е повисок овој пондер, толку банките треба да ангажираат поголем износ на капитал), споредено со останатите сегменти од кредитната активност на банките, што генерално делува во насока на поттикнување на овие кредити.

„Преземањето на други мерки од НБРМ, исклучиво наменети за поттикнување на станбеното кредитирање (поточно, за намалување на каматните стапки на станбените кредити, како што гласи вашето прашање) спаѓа во доменот на т.н. неконвенционални мерки кои излегуваат од стандардната рамка на монетарната или макропрудентната политика. Тие се преземаат претежно во исклучителни околности, кога пазарите за одредени битни финансиски инструменти се „замрзнати“ или релативно неразвиени. Имајќи ги предвид погоре презентираните податоци за станбеното кредитирање во нашата земја, таквите околности не се случај во Република Македонија, каде станбените кредити солидно и стабилно растат веќе повеќе години наназад. Се разбира, квалитетот на ова портфолио постојано го следиме, како и неговите ефекти врз вкупната економија, со цел навремено да се идентификуваат евентуални ризици“, велат од НБРМ.

Извор: Мета