Непал го откажа фестивалот на кој се убиваат половина милион животни

Најголемото светско жртвување на животни што се случува на секои пет години во Непал, нема да се одржи оваа година, соопшти вчера Храмот на довербата Гадимаи, кој е главен организатор на фестивалот. Со ова, според голем број експерти, половина милион животни ќе се спасат од тоа да бидат заколени.

Оваа вест доаѓа откако меѓународно движење се огласи против овој настан што го натера Врховниот суд во Индија да забрани пренесување животни преку граница за да бидат убиени во знак на жртва.

„Со ваша помош, ќе направиме наредниот фестивал во 2019 година да помине без крвопролевање“, изјави претседателот на храмот Рам Чандра Шах, со што соошти дека се забранува оваа манифестација.

Тој додава дека фестивалот во 2019 година треба да претставува значајна прослава на животот.

Гаури Маулеки, советник во индиското претставништво на Светската организација за хумано општество и еден од поднесувачите на претставката до Врховниот суд, смета дека ваквата одлука претставува „огромна победа на сочувството“, но признава дека престојат тешки задачи.

Тие проценуваат дека повеќе од половина милион кози, кокошки и биволи, како и многу други животни биле обезглавени годишно. Фестивалот на кој секоја година присуствуваат околу 5 милиони луѓе се одржува веќе 265 години и се смета дека има антички корени.

Оваа организација, во наредните години ќе ги информира луѓето кои сакаат да учествуваат во индиските држави Бихар, Утар Прадеш, Џарканд и Западен Бенгал за одлуката на судот.