„Необичен роденден“ во Детски креативен центар

Во Детскиот креативен центар во МКЦ на 28 октомври од 12 до 14 часот ќе се одржува настанот „Необичен роденден“.

Според активистот Денис Јанкуловски, иницијатор на настанот, се работи за роденден во кој сакаат да покажат дека децата, иако се различни, сепак се многу слични.

„Децата пристапуваат дете кон дете. Децата не прават разлика дали некој има или нема аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа, дали некое дете е во количка… На овој ден токму тоа ќе го покажеме и докажеме дека инклузијата можеби е нешто далечно, но не и невозможно, таа е така блиско во нашите срца. Заедно ќе цртаме и вежбаме, ќе играме заеднички игри. Ќе се дружиме“, соопштува Јанкуловски.

Со овој настан започнува проектот на откривање на инклузивни објекти и услужни дејности во Македонија со кој сите ќе можат подеднакво да учествуваат во социјалниот живот во адекватни услови.

„Она што посебно ме радува е што на ова дружење ќе може да присуствуваат дечиња кои се во количка, кои имаат некое ортопедско помагало, односно дечиња на кои искачувањето по скали им претставува потешкотија. Затоа со огромно задоволство Ве известувам дека има лифт кој ќе ве однесе директно до забавата“, соопшти Јанкуловски.

Се’ што очекува од сите, вели тој, е да дојдат во недела на 28 октомври и сите заедно да се забавуваат и уживаат.

„Вашата радост, убаво поминато време и задоволство е единствениот роденденски подарок“, вели Јанкуловски.