„Аксиома“ одбележува мал јубилеј – 10 албумско издание.
Се работи за новиот „Neo-Noir“, за кој велат дека е албум што звучи како замислен филм снимен во магла – ретро-кинематографско искуство создадено од Глигор Кондовски, Константин Хаџи Коцев и Мартин Георгиевски.
„Виолината на Кондовски носи болка и телесна емоција, пијаното на Хаџи Коцев ја обликува меланхолијата, додека електрониката и ниските текстури на Георгиевски ја затегаат напнатоста. Заедно, тие градат град-призрак во кој шеташ како воајер — меѓу непознати лица, тивки трауми и внатрешни судири“, соопштуваат од „Аксиома“.
Снимен во живо на фестивалот „Омнибустопија 6“, албумот се движи низ променливи перспективи, како ноар-филм без јасна нарација.
„Замисли Double Indemnity низ звучниот свет на авангардна импровизација, или Џон Зорн како импровизира врз Memento – и ќе добиеш чувство за оваа густа, вознемирувачка музичка атмосфера. ‘Neo-Noir’ е музика за моментите кога светот станува премногу близок, премногу гласен, а егзистенцијалната тегоба станува заеднички јазик“, стои во соопштението на „Аксиома“.



