Немири во Тузла, протести низ БиХ против корумпираната власт и тешкиот живот

Масовни граѓански протести ја тресат Босна и Херцеговина. Започнаа во градот Тузла, но брзо се проширија во Сараево, Мостар, Приједор, Бихаќ и Зеница. Повеќе од пет илјади лица излегоа на улиците во Тузла во знак на протест против корумпираната и неспособна државна власт, но и поради бедата, сиромаштија и тешките услови за живот.

Tuzla

Според последните информации, како што објави порталот Бука, синоќа во Тузла во Итната медицинска помош се примени 102 полицајци кои се здобиле со повреди, како и 28 цивили.

За денеска е најавен нов бран протести. Во Тузланскиот универзитет се одложени сите испити.

„По повод актуелните демонстрации во Тузла, а со цел заштита и сигурност на студентите, се известуваат сите професори и студенти дека на неопределено се одложени сите закажани испити на факултетите. За идните термини за полагање на испитите, студентите благовремено ќе бидат известени. Ги осудуваме сите неоправдани употреби на сила кон студентите како и сите неовластени упади на припадниците на специјалните сили на МВР во просториите на Универзитетот во Тузла“ , се наведува во соопштението од самиот универзитет.

Здружението на граѓани „Остра нула“ и Хелсиншкиот парламент на граѓаните од Бања Лука за денеска најавија протести во нивниот град во знак на солидарност со протестите низ Босна и Херцеговина.

Граѓаните на Тузла протестираа изминатите два дена. Демонстрантите ја блокираа зградата на кантонската управа, а бројни се судирите на полицијата со демонстрантите. Во локалните медиуми беше пренесено и писмото од граѓаните до полицајците кои се наоѓаат на другата страна.

„Ти си човек. Јас сум човек. Кога ќе ја соблечеш униформата, по што се разликуваме?

Се надевам дека ќе го прочиташ ова писмо, иако не верувам. Знам, имаш ти и други грижи освен да читаш статии на интернет. Сепак, те замислувам, сега кога си дошол дома од должност и кога повеќе не си полицаец, туку син, маж, татко и брат, и кога полесно можеш да сфатиш дека денес пред тебе стоеја мажи, синови, татковци и браќа, жени, ќерки, мајки и сестри.

Можеби ќе кажеш дека не си удрил никого. Можеби не си удрил, но беше дел од групата која удираше и не направи ништо за да го спречиш тоа. Можеби ќе кажеш дека бевте нападнати. Ти тогаш на себе имаше полна опрема, заедно со кацига, штит и пендрек. Луѓето пред вас беа во капи, јакни и панталони. Не велам дека требаше да го напуштите местото кое ви е одредено да го чувате, но зошто секогаш полицијата мора да употреби сила, дури и врз деца?

Ние не сме странци, пријателе мој, сите сме поврзани. Се сеќаваш ли на момчето со кое седеше во средно училиште? Се сеќаваш ли на девојчето во кое беше заљубен во основно училиште? Се сеќаваш ли на оној срамежлив клинец кој на сите им помагаше со задачите? Се сеќаваш ли на својот наставник по физичко? Се сеќаваш ли на сите луѓе со кои твојот живот се преплетол во некој миг?

Сега барам од тебе една мала услуга. Сакам да замислиш кој било од нив во онаа маса која денес стоеше пред тебе. Сакам да го замислиш моментот во кој ќе ги препознаеш очите на некој што некогаш ти бил важен. Замисли го моментот во кој е предоцна да го запреш ударот и во кој тие очи кои за кои некогаш би направил сѐ ќе те погледнат и препознаат. Тој момент може да се случи кога било, можеби уште утре.“ – пишува во писмото.