„Немаме видено скршен денар за лаборатории, практичната настава е привилегија“ – одбележан Светскиот ден на науката

Науката во Северна Македонија е заборавена во лекциите кои се учат напамет, додека практичната настава е привилегија, смета студентката Ангела Најдоска, од Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Според неа, студентите се лишани од истражувачки дејности бидејќи нема услови.

„Лабораториите се во бедна состојба, не се работи со опремата. Студентите ги обучуваме да работат со опрема со која нема да се сретнат кога ќе се вработат“, забележа таа за време на онлајн дискусијата што ја организираше УСС по повод Светскиот ден на науката.

Најдоска смета дека проблемот е што не се инвестира и нема стратегија како да се подобри научно-истражувачката дејност, а со тоа и образованието. За неа е поразително што студенти првпат влегуваат во лабораторија дури кога ќе започнат со студиите. Според Најдоска, истражувачката дејност треба да започнува уште од основно образование.

„Да се развие љубопитноста, таа е храна за еден истражувач“, смета таа.

„Не смееме да дозволиме да има младина која не размислува логички“, додава Најдоска.

Таа посочи дека итно е потребно формирање на Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, како и зголемување на буџетот за наука.

Со слични проблеми се соочуваат и професорите.

Кирил Сотировски, актуелен декан на Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг во Скопје, работи на факултетот веќе 30 години. Тој е разочаран што државата со години наназад не нашла начин да инвестира повеќе во образованието и научно-истражувачката работа.

„Додека науката и истражувањето не појдат во вистински правец, нема ниту државата да ни оди во вистински правец“, истакна тој.

Како главни проблеми, од професорски аспект, ги забележа ад хок пристапот за наоѓање решенија, комплицирани административни и финансиски услови, како и администрација која е партизирана и често пати некомпетентна.

Иако формално постои Стратегија за образование, Сотировски се плаши дека ќе остане неприменета.

„Јас сум жив пример дека во 2003-2004 имавме одлична стратегија за шумарство, се постигна консензус од сите партии дека може да се работи. Две години потоа се промени власта и ниту една од програмите од акцискиот план не беше реализирана. Се стави во фиока таа стратегија, се напушти. Ми е страв дека и оваа стратегија полека се става во фиока“, забележа тој.

Уште еден проблем кој го посочи е немањето национални проекти, туку билатерални со други држави каде истражувачот добива само ситни финансии за патување.

„Немаме видено скршен денар за научно истражувачка инфраструктура“, заклучи Сотировски.

Покрај ова, истакна дека на факултетите им е потребна поголема кадровска и финансиска автономија. Шумарскиот факултет, на пример, за првпат во 10 години вработиле 8 асистенти.

На дискусијата учествуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска, која најави дека се работи на планско и континуирано обезбедување со средства наменети за науката, преку грантово, проектно и програмско финасирање.

Таа соопшти дека МОН од идната година воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финасирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научно истражувачка дејност.

Инаку, годинава Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со МОН преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката.

За 23 од доделените апликации, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“– Скопје ќе ги обезбедува потребните услуги, 9 ваучери се доделени на Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, а 2 на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Идејата на овие иновациски ваучери, како што рече министерката Царовска, е да им се овозможи на младите директно да учествуваат на проекти.

„Преку овие иновациски ваучери, коишто ќе ги доделуваме и во иднина, од една страна вложуваме во иновацијата, отвораме можности за младите директно да учествуваат на проекти кои можат да ја обликуваат нивната кариера, а од друга страна им овозможуваме на компаниите да ја зголемат својата конкурентност“, рече Царовска.

Е.П.