Нема влез на нови бегалци и мигранти во Македонија

Во текот на вчерашниот ден нема издадено ниту една потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, соопшти МВР.  Прием на нови бегалци и мигранти во транзитниот прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија нема од вторникот, кога се затвори балканската бегалска рута по најавата на Словенија, а потоа и на Хрватска и Србија, дека нема да примаат бегалци без валидни визи и пасоши.

Словенија воведе нови гранични рестрикции за мигрантите, со кои само на оние кои планираат да бараат азил во земјата, или на оние кои имаат хуманитарни потреби, ќе им биде дозволено да влезат. Како реакција на ова, и Србија соопшти дека ќе ги затвори границите со Македонија и Бугарија за оние кои немаат валидни документи.

Од почетокот на годината во земјава се издадени потврди на вкупно 89.623 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-44.734, Авганистан-26.546 и Ирак-18.337. До Секторот за азил пак во текот на 2016 барање за признавање на право на азил поднеле 29 лицa.