Предвидената квота за субвенции за електрични тротинети е исполента, па барања од граѓани за субвенции за купен тротинет повеќе нема да се примаат, соопштуваат од Град Скопје и додаваат дека аплицирањето за субвенции за велосипед е се уште во тек, а според планираните средства останати се уште 50-тина субвенции за купен велосипед.
Досега од објавувањето на јавните повици за доделување субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети, во Град Скопје се поднесени 2.774 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед и 214 барања за субвенции за купен тротинет.
„Новитет оваа година е што граѓаните можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 01.01.2020 година“, стои во соопштението на Град Скопје.
Средствата кои Град Скопје ќе ги субвенционира, додаваат оттаму, се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Повиците се спроведуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“, а едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет.
„Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед или електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, булевар Илинден, број 82, секој работен ден од 09 до 15 часот“, додаваат од Град Скопје.
Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Град Скопје годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.