Новите прописи на Европска унија ќе ги зголемат трошоците за испорака и цените на одредени производи кај онлајн продавачите.
Платформи како Amazon, Shein, Temu и AliExpress со години го преплавуваат европскиот пазар со евтини производи, користејќи царински олеснувања. Затоа, од 1 јули 2026 година ќе стапи во сила нова такса за стока со вредност под 150 евра.
ЕУ го укинува прагот за увоз без царина за пратки под 150 евра. Досега овие пакети можеа да се увезуваат без дополнителни давачки, што претставуваше предност особено за големите онлајн продавачи од Кина. Наместо тоа, ќе се наплаќа паушална такса од три евра по категорија производ.
Во иднина, давачката ќе се пресметува според категоријата на производи во пратката. Ако пакетот содржи различни видови производи, таксата ќе се наплатува повеќепати. На пример, ако пратката содржи маица и футрола за телефон, вкупната такса ќе изнесува шест евра. Ако содржи два идентични производи од иста категорија, ќе се наплати само една фиксна такса од три евра.
Мерката првично е замислена како преодно решение, а од 2028 година се планира целиот увоз да подлежи на царина од првото евро.
Долгорочно, ќе се воведе и дигитален царински систем за централна евиденција на увозот. Покрај економските причини, ЕУ ги наведува и еколошките ефекти, бидејќи големиот број мали пратки создава дополнителен отпад и ја оптоварува логистичката инфраструктура.
Извор: Eupravozato.rs
Фото: Freepik



