Протест на Ромите од населбата под Кале, надлежните ги праќаат во Чичино село

Ромите чии импровизирани живеалишта беа срушени пред неколку дена денес протестираа пред канцелариите на Град Скопје, од каде им кажаа дека се ненадлежни за нивниот проблем. Нивни претставници беа на разговор во Министерството за труд и социјална политика, каде побараа државата да им обезбеди дом, но не успејаа да најдат решение.

Љатифе Шиковска од невладината организација „Амбрела“ во име на бездомните лица беше на средба со вработени во Град Скопје, од каде и рекле дека не се надлежни за случајот.

„Конкретно некој договор со Град Скопје не постигнавме, едноставно ни кажаа дека не се надлежни за проблемот со бездомните лица. Бидејќи имотот е приватизиран, тоа место треба да биде расчистено и овие лица да се дислоцираат. Проблемот треба да го реши Министерството за труд и социјална политика, поточно Центарот за социјални работи“.

Земјиштето на кое Ромите имаа изградено импровизирана населба сега е во сопственост на Амадеус Груп ДООЕЛ. Од компанијата во неколку наврати ги предупредувале жителите да ја напуштат локацијата, бидејќи нивното засолниште е нелегално.

Од Град Скопје им беше понудено да се сместат во прифатилиштето во Чичино Село, но тие не сакаат да се вратат таму бидејќи претходно имале лошо искуство. Шиковска вели дека таму се соочувале со насилство и закани од локалното население, а имало и случаи на трговија со бело робје и дрога.

Истото решение им го понудиле и во Центарот за социјална работа на МТСП, каде Шиковска беше да преговара заедно со двајца претставници од стотината Роми кои останаа без дом.

„Директорката Билјана Јарчевска рече дека е добро запознаена со проблемот, но во моментот државата нема капацитети ниту ресурси, да обезбеди друго сместување освен прифатилиштето во Чичино Село. Таа не убедуваше дека условите таму се подобрени и има чувар, па утре група од бездомните лица ќе оди да провери какво е таму и ќе решат дали сакаат да се сместат во прифатилиштето“.

Шиковска додава дека меѓу бездомните лица има и бремена жена и голем број деца, кои бидејќи веќе некое време спијат на отворено, имаат кожни инфекции. Бара од надлежните да излезат на терен и да се обидат да најдат времено соодветно решение и сместување за нив. Доколку тоа не го сторат, додава, ќе се обидат го алармираат и меѓународниот фактор. Според неа, претставници на ОБСЕ се веќе заинтересирани да видат што се случува, а граѓанскиот сектор, особено ромските организации, ќе напишат писмо до Владата на Република Македонија и ќе побараат да се изнајде трајно решение.

Иако прво најавија дека ќе кампуваат пред Град Скопје, Ромите кои излегоа на протест сепак одлучија повторно да се вратат повторно кај срушените домови. Велат дека од Градот им дозволиле да спијат таму, но само под услов ако повторно не градат бараки.

„Децата ни се гладни, од вчера не јаделе ништо. Градоначалникот Коце Трајановски треба да ни најде сместување. Вака немаме ни покрив над глава, ниту вода. Никој не презема мерки за нас, тоа е срамота. Од бараките не бркаат секој ден, доаѓа обезбедување“, вели Емран Емин, еден од жителите на сега разурнатата населба.

Емран вели дека и деновиве спиеле на плацот, но на отворено. Додава дека во импровизираната населба има уште десетина семејства кои ја чуваат облеката, количките, велосипедите и другите предмети кои ги оставиле зад себе.

И Џенгиз го има истиот проблем.

„Веќе 20 години живеам по улиците, немам куќа и сакам државата да ми помогне. И ние сакаме да имаме дом, да живееме како луѓе. Не сакаме да бараме храна по контејнерите, и ние сакаме да имаме работа. Децата ми спијат надвор, нема каде веќе да се сместиме“.

Вели дека за сместување се снаоѓаат некако, а добродушни луѓе им даваат храна и дрва преку зимата. Повеќето од нив собираат пластични шишиња за заработка – една голема вреќа им носи 220 денари.

 

С.Т.