„Нема совршено решение, треба да обезбедиме оптимален старт на учебната година“ – Градоначалниците на средба со МОН

На 1-ви октомври, кога треба да започне новата учебна година, општините треба да обезбедат оптимален старт, порача Петре Шилегов, претседателот на ЗЕЛС, заедницата на македонските општини, кој заедно со сите други градоначалници имаа средба со Министерката за образование и наука, Мила Царовска.

На средбата се разговарало за подготовката на општините за организирање квалитетна настава во услови на пандемија.

Шилегов додаде дека прашањето е комплексно бидејќи не сите општини имаат исти технички и епидемиолошки услови за отпочнување на учебната година, а од друга страна и во самите општини не секаде се изедначени условите во училиштата.

„Затоа што е вака комплексно прашање, мораме да ги разјасниме сите нејаснотии што ги имаме ние како општини и основачи на училиштата од една страна и МОН, како организатор на образовниот процес, од друга страна, сé со цел да во вонредни услови најдеме доволно добро, не можам да кажам совршено решение, за отпочнување на училишната година и исполнување на обврските од страна на општините кои ги имаат, а пред сé се однесуваат на овозможување на почитување на протоколите како би го гарантирале здравјето на децата“, изјави Шилегов.

Институциите, предводени од Владата и МОН, веќе го усвоија Планот и протоколите за започнување на учебната година која ќе се реализира преку комбиниран модел, односно со организирање на учење од далечина со два исклучоци. Настава со физичко присуство ќе можат да следат учениците од прво до трето одделение во сите општини, како и учениците од оние основни и средни училишта кои ги исполнуваат условите наведени во протоколите и се лоцирани во општини каде епидемиолошката состојба го дозволува тоа. Но, крајната одлука ќе зависи од родителите/старателите на самите ученици кои треба да се изјаснат како нивното дете ќе ја следи наставата.

„Ова е динамичен процес кој не нужно на истиот начин ќе се спроведува од почетокот до крајот на училишната година, поради тоа што во дадени моменти епидемиолошката слика ќе се менува и одлуките ќе се менуваат, согласно укажувањата на Министерството за здравство. Сметам дека не треба да бидеме исклучиви во позициите, или здравје, или образование, туку треба да постигнеме однос меѓу овие две права коишто ги имаат децата, за истовремено и да го заштитиме нивното здравје и воопшто здравјето на населението од друга страна да понудиме настава којашто ќе се одвива оваа година а ќе понуди квалитет. Токму затоа, Бирото за образование подготвува на кој начин ќе се врши оценувањето, валидацијата на стекнатите знаења и со онлајн и со настава со физичко присуство“, вели Царовска.