Нема систем да се проверат небезбедните производи

Нема систем да се проверат небезбедните производи70 непрехрамбени производи, главно за деца, деновиве се најдоа во Регистарот за небезбедни производи за продажба, од Агенција за контрола на пазарот во Босна и Херцеговина. Србија ја има црната и бела листа на вакви производи, со која протрошувачите лесно се информираат што е добро, а што не чини на нивниот пазар. Европските држави го имаат Рапекс системот за брзо известување, а во Македонија информациите тешко стигнуваат до потрошувачите.

Мал е бројот на оние граѓани кои знаат каде да се обратат кога се сомневаат во безбедноста на некој производ.Најголем дел од нив се откажуваат уште пред да тропнат на вратите на институциите бидејќи сметаат дека нема ништо да се промени.

Македонија нема акредитирана лабораторија за проверка на безбедноста на непрехрамбените производи. За целата територија, само тројца инспектори во Државниот пазарен инспекторат се задолжени за вакви проверки.Лани биле повлечени новогодишни сијалички, годинава се повлекуваат детски букви, кои иако биле забранети во Европската Унија, сепак се најдоа на нашиот пазар, информираат од Инспекторатот.Посочуваат дека царината е прва бариера, а кога робата ќе стигне во продавница, тогаш почнува нивната работа.

Земјите од ЕУ преку Рапекс системот за брзо извесстување и редовните контроли будно ја следат состојбата на своите пазари. Македонија не е дел од системот, па затоа и европските стандарди може да се заобиколат ако не се прифатени со нашите закони.

И покрај строгите контроли, бројни афери, пред се кај детските играчки редовно ја тресат Европа. Во Македонија институциите смируваат, производите се безбедни.

Во меѓувреме земјите од Југоисточна Европа работат на создавање заеднички Мини-Рапекс систем за брзо известување, кои опасни производи стигнале на овие пазари.

Во Инспекторатот кај нас пак се планира објавување на листа со небезбедни производи кои се повлекуваат од продавниците. Таму изборот е голем, а граѓаните- збунети.

Јасмина Јакимова