Нема претстави во повеќе скопски театри до 13 март, поради коронавирусот

Драмски, МНТ и Театар комедија го запреа прикажувањето претстави до 13 март, поради владината препорака за ограничување на јавните настани со гости од странство и за неодржување на поголеми јавни собири и настани до петок, поради коронавирусот.

„Ве известуваме дека по препорака на Владата на РСМ, НУ Драмски театар Скопје ќе продолжи со прекинот на репертоарот до 13.3.2020г. Купените билети ќе можете да ги замените за друга претстава  или средствата да ви бидат вратени“, соопштија од Драмскиот театар во Скопје.

Од Македонскиот народен театар најавија дека се одложени сите настани и претстави, а од Театар „Комедија“ најавија најавија дека во следните денови ќе информираат за продолжувањето на редовната репертоарска програма.

Вчера во земјава беа регистрирани нови две лица заразени од коронавирусот. Претходно, минатата недела беше регистриран првиот случај на заболен од новиот коронавирус во земјава, а како што информираа од Министерството за здравство, пациентката е излекувана.

Во согласност со препораката на Владата за неодржување јавни настани до 13 март, и Филхармонија го одложи концертот „Музичка драма“ кој требаше да се одржи в четврток на 12 март. На концертот требаше да настапи канадската сопранистка Миша Бругергосман.