Нема положен испит без книга од професорот!

Нема положен испит без книга од професорот!Купувањето книга од професорите во замена за положен испит или повисока оценка е најчест вид корупција на факултетите, тврдат студентите. Корупцијата во високото образование се појавува во најразлични форми, но во последните неколку години води токму овој вид на уценувачки однос од страна на одредени професори.

„Отворено ни беше кажано од професорот да ги купиме неговите книгите и на шега дури ни дофрли дека и така се најефтини од кај него. Некои професори пак суптилно ни налагаат да ги купиме нивните учебници од книжарата на факултетот, нас тоа ни е најнормална работа“, вели една студентка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Но таа не е единствената која имала вакво искуство. Според последното истражување на Антикорупциската студентска мрежа од Југоисточна Европа, дури 39% од студентите на најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ имале искуство со поткуп од овој вид, откако било побарано од нив да купат книга од професорот за да добијат поголема оценка или пак да го положат испитот.

Студентите иако очигледно се свесни за корупцијата и поткупот кој се случува околу нив, ретко  пријавуваат, бидејќи се плашат од одмазда. Истражувањето покажува дека 66% од студентите би го пријавиле професорот кој прима поткуп, но само доколку пријавувањето е анонимно, додека само 26.8% би ја пријавиле ваквата постапка ако од нив се бара откривање на идентитетот.

Стравот донекаде е и оправдан, ако се има предвид фактот дека голем дел од факултетите при УКИМ воопшто немаат акти или документи со кои се предвидуваат санкции за вработените кои биле инволвирани во коруптивни дејства, покажуваат податоците кои факултетите ги доставиле до Младинскиот образовен форум. За одговори околу тоа дали треба да бидат донесени вакви документи, кои ќе ја регулираат процедурата кога студентите ќе пријават корупција и како факултетите се борат против коруптивните појави неколку пати се обидовме да го контактираме Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, но тој не беше достапен за коментар.

slika

Од факултетите сепак нагласуваат дека студентите можат да ја пријават корупцијата кај студентскиот правобранител.

Симона Јандревска, Студентската правобранителка вели дека во периодот од мај 2012-та до март 2013-та година, се поведени вкупно четири постапки против корупција поврзана со продажба на учебници.

„Откако ќе добијам претставка поврзана со коруптивно дејствие, прво го контактирам деканот и Ректоратот, а потоа поднесувам пријава до Државниот просветен инспекторат. Потоа, инспекторатот праќа надлежен инспектор кој составува записник за ситуацијата и притоа ги сослушува професорот, деканот или претставник на деканатот, по потреба Ректоратот и секако студентскиот правобранител или студентот по чие барање е поведена постапката доколку е согласен. Секако, студентите ги информираме дека имаат можност да го зачуваат својот идентитет при давањето на изјавата“, вели Јандреска за Радио МОФ.sl

Државниот просветен инспекторат во текот на оваа академска година исто така има добиено две претставки за продавање на книги, без запазена процедура за издавачка дејност во високото образование.

„По истите ДПИ има постапено, односно дадено е укажување да се почитува член 150 од Закон за Високо образование и Етичкиот кодекс на универзитетот, при што наставно научниот совет превзел соодветни мерки“, велат оттаму за Радио МОФ.

Како едно од можните решенија за проблемот со купување учебници од професори во академската заедница се споменува примерот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде сите учебници за студентите се бесплатни.

Според проректорот на УГД, Кире Барбареев, универзитетот успеал да најде пари да ги плати авторските права на секој наставник кој ќе изготви учебник и учебно помагало за студентите.

Izjava na prorektorot na UGD, Kire Barbareev by Radio Mof on Mixcloud

„Професорот е должен да ги постави во електронска форма на веб страницата на факултетот и студентот може слободно да ја преземе или доколку сака да ја испечати книгата. Ова придонесе досега да не се случат пријави на студенти во врска со литературата и учебниците. Имавме предмет кој беше наследен од единиците кои беа во состав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, тоа беше еден предмет кога еден наставник беше обвинет за поткуп и тој наставник повеќе не е во редовен работен однос на УГД и е истеран од работа“, вели Барбареев за Радио МОФ.

Дали овој позитивен пример ќе биде инспирација и за другите универзитети, останува да се види. Во меѓувреме, студентите остануваат со своите секојдневни проблеми. Според истражувањето на МОФ за корупцијата во образованието и спортот, спроведено на примерок од 1080 испитаници во 84 општини, 54% од испитаниците одговориле дека студентите не можат да положат испит доколку не купат учебник од професорот кај кого полагаат испит, 45% сметаат дека има многу корупција при полагање на испит и 42% одговориле дека има многу корупција при добивање на место во студенстките и ученичките домови. Според ова истражување, секој четврт граѓанин бил во ситуација да му биде побаран или да даде поткуп во сферата на образованието а најмногу корупција граѓаните детектираат во високото образование.

Кристина Озимец

 

„Сторијата е реализирана со финансиска поддршка од ЦИН СКУП Македонија во рамките на проектот  ‘Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување”