Нема пари за одржување на Фестивалот на античка драма „Стоби“

Прекината е 17-годишната долга традиција на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Причина за ова е што Министерството за култура не му одобрило пари на Велешкиот театар за одржување традиционална претстава во амфитеатарот, додека Општина Велес не може да ги покрие трошоците за Фестивалот од сопствениот буџет, пренесува МИА.

Министерот за култура Хусни Исмаили на новинарско прашање при неговата посета во Стоби на 12 јули годинава, дали Министерството за култура би издвоило средства за одржување на барем една претстава, појасни дека тие финансиски би ја поддржале, но само ако се исполнат безбедносните услови во амфитеатарот, за што тој бил информиран од директорот на НУ Стоби.

Од НУ Стоби претходно соопшија дека стручниот тим и раководителот на проектот за истражување, конзервација и реставрација на театарот во Стоби, сметаат театарот не е во состојба да прима публика од безбедносни причини поради вршење конзерваторско -реставраторски работи.

Во амфитеатарот во Стоби, ансамблот на велешкиот театар во 1992 година ја одигра првата претстава во Стоби и оттогаш играше по една претстава секое лето се’ до 2001 година, кога театарските работници, заедно со Општина Велес, го основаа Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.

Во изминатите лета на древната сцена велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ кој е основач на фестивалот имаше одиграно 20-тина претстави.

Во рамките на фестивалот беа одиграни 80-тина антички претстави со театарски ансамбли, покрај од Северна Македонија и од Русија, Украина, Холандија, Турција, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Ерменија, Данска, Казахстан, Албанија.