Нема нови случаи на заразени во Вухан, но постои страв од нов бран инфекции

Во Вухан, епицентарот на Ковид-19 коронавирусот, за првпат нема новозаразени откако вирусот се појави пред повеќе од два месеци.

Покраината Хубеи, која е дом на 60 милиони луѓе и се уште е под масовен карантин, сега се соочува со последиците од мерките за ограничување, кои нанеле огромна социјална и економска штета.

Вирусот брзо се распространува низ целиот свет додека луѓето во Кина продолжуваат со работата и социјалните активности, така што втор бран инфекции е скоро загарантиран, велат експертите, со оглед на тоа колку овој вирус е заразен и колку лесно поминува низ границите на земјата.

Дури и бројките во Хубеи да се спуштат на нула, Кина се соочува со друг проблем – случаите кои доаѓаат од надвор. Националната здравствена комисија извести за 34 нови случаи на 18 март – сите пациенти ја донеле болеста од други земји.

На глобално ниво, коронавирусот заболи над 211,000 лица и уби 8.700. Епидемијата забрзано се прошири во остатокот од светот. Цели држави ги затвораат границите, училиштата и рестораните. Музичките фестивали и спортските настани се одложија, додека патните и синџирите за храна се нарушени. Според економистите, избришани се 2,7 трилиони долари од бруто домашниот производ во светот.

Бидејќи бројот на нови случаи опадна на нула, наспроти врвот од 15,000 заразени пред еден месец, Хубеи исто така делумно го повлечи масовниот карантин што започна од 23 јануари, дозволувајќи им на некои жители во области со понизок ризик да ја напуштат провинцијата за работа. Според извештаите на локалните медиуми, луѓето треба да добијат потврда со „зелен код“ што докажува дека се во добра здравствена состојба за да заминат.

Иако истражувачите велат дека со масовниот карантин на Вухан се намалило пренесувањето на вирусот за скоро 80%, тоа предизвикало огромни штети во Хубеи: локалниот медицински систем попуштил под тежината на напливот на инфекции. Слични сценарија се појавуваат и во други земји како Италија и Иран, бидејќи нивната медицинска инфраструктура станува презаситена од епидемијата.

Кина на крајот испрати илјадници лекари од целата земја во провинцијата Хубеи за да помогнат, а за неколку денови беа изградени нови болници за да ги сместат своите десетици илјади заразени пациенти. Надвор од Хубеи во остатокот од Кина, локалните власти поставија различни ограничувања на движењата на жителите и користеа широки овластувања за надзор за да следат со кого биле заразени заразените лица.