Нема нова вонредна состојба, соопшти претседателот Пендаровски

По 86 дена вонредна состојба, која беше продолжувана во времетраење од 30 и 14 дена, денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, соопшти дека нема да прогласи нова вонредна состојба.

Пендаровски посочи дека споредбите кои се прават помеѓу претходните вонредни состојби и бројот на тогаш заразените и починати со актуелните бројки се без основа, и потенцираше дека ниту една вонредна состојба не била воведена од тие причини.

„За мерките од типот полициски час, карантин и кризна состојба на дел и на целата територија на државата постои законска регулатива и воопшто нема потреба да се воведува вонредна состојба за да се применуваат тие мерки. Друга заблуда е дека вонредната состојба има врска со датумот на изборите, избори може да се организираат и за време на вонредна состојба, само треба владата ако сака, во уредбата каде што стои, по завршување на вонредната состојба продолжуваат да течат изборните рокови, да напише, изборните рокови течат и за време на вонредната состојба, и толку“, рече Пендаровски.

Сите вонредни состојби досега, вели Пендаровски, биле прогласувани на барање на Владата, со нејзино образложение зошто е потребно тие да бидат воведени, а на сите нив им претходеше седница на Советот за безбедност на која била објаснувани причините за потребата од вонредна состојба.

„Сите претходни вонредни состојби ги прогласив заради потребата во отсуство на парламент, да се управува преку уредби со законска сила со цел борба против ефектите од пандемијата во здравствената и економско-социјалната сфера, откако најголемиот број од стопанските субјекти престанаа со работа“, рече Пендаровски.

Претседателот апелираше до лидерите на политичките партии, уште денес да се договорат за датум кога би било прифатливо организирање на предвремените парламентарни избори, предупредувајќи дека ќе биде штетно доколку некоја од партиите одлучи да не учествува во процесот.

„Јас знам дека најголемиот број од нашите граѓани не размислуваат за избори во време кога имаме пораст на заболени, меѓутоа, избори и во време на корона, која нема да замине наскоро, се неопходни за да добиеме функционален, наместо распуштен парламент и легална и легитимна, наместо техничка влада“, рече Пендаровски.

Последните денови, како што посочи Пендаровски, во јавноста се наметнала дилемата дали е можно воведување на вонредна состојба само на барање на Владата, или и претседателот може самиот да прогласи без предлог на Владата

„Во тој дел уставот е јасен, претседателот на државата може и без барање од Владата да прогласи вонредна состојба, меѓутоа тоа никогаш не го направив затоа што бев и се уште сум убеден дека во ниту еден политички контекст една институција која и да е, не смее да ги изолира останатите институции при носењето на сериозни одлуки, затоа имајќи ги во предвид причините поради кои ги прогласував сите претходни вонредни состојби, сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“, рече Пендаровски.

Како што изјави Пендаровски, според информациите на Владата, во изминатиот период биле обезбедени доволни количини на медицинска и заштитна опрема, и додаде дека се донесени економски мерки за поддршка на националната економија за која постои покритие во буџетот.

На 18 март поради состојбата со коронавирусот Ковид-19 за прв пат во историјата на државава Пендаровски прогласи вонредна состојба. По истекувањето на вонредната состојба, претседателот донесе нова одлука со која се прогласи вонредната состојба и во наредните 30 дена.

На 15 мај, пак, Пендаровски повторно прогласи нова вонредна состојба во времетраење од 14 дена, а истото го направи и на 30 мај, кога беше прогласена нова вонредна состојба од 14 дена која треба да заврши утре на полноќ.