Нема механизми за спречување на насилството врз спортистките

Насилството врз жените во спортот не се препознава во земјава, ниту пак има механизми за заштита на жртвите беше истакнато на конференција на тема „Родово базирано насилство врз
жени во спорт“, која се одржа во рамки на кампањата „16 Дена активизам против насилство врз жени“.

На конференцијата се говореше за постоењето на насилство и дискриминација во спортот, начините на
справување со овие појави, потребата за справување со овој проблем и подигнување на свеста на
населението за навремено препознавање и превенција на насилството врз девојчињата и жените во спортот.

„Родово базираното насилство во спортот е сензитивна тема за која до сега се нема разговарано во
нашата јавност. Еден од главните ризици е нерамномерната распределба на моќ помеѓу спортскиот
работник и спортистката. Во Македонија има потреба од едукација на младите спортистки со цел да
ги препознаат првите симптоми на насилството во спортот, како да постапат во тие критични
моменти и каде да се обратат“, истакна Силвија Митевска, Претседателката на здружението ТАКТ.

Главни заклучоци беа дека е потребна едукација на младите за да може да го препознаваат насилството и
да ги знаат начините на кои може да реагираат доколку се подложени на некој вид на насилство. Поранешната ракометарка Милева Велкова говореше за тоа колку жените и девојките и самите не се свесни и не обраќаат внимание на нивната дискриминација и за тоа колкава разлика постои во поддршката на машките и женските тимови, без разлика на нивните постигнати успеси. Атлетичарката Дрита Ислами пак посочи дека постои непотребно фокусирање на телата на жените, односно објективизација и сексуализација на женското тело.

Елена Димушевска, извршна директорка на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно
насилство пак ги потсети ги потсети надлежните дека имаат обврска и одговорност да ги преземат сите неоходни чекори за да им овозможат на жените живот без насилство во сите сфери на општеството.

„Жените спортистки се изложени на различни форми на насилство за кои во нашата држава
ниту се разговара, ниту се препознаени ниту пак има воспоставен систем за заштита на жртвите“, рече Димушевска.

Конференција на оваа тема беше организирана по првпат во нашата земја, како една почетна точка за
подигнување на свеста за родово базираното насилство врз жените и девојчињата во спортот и иницирање
на понатамошна дискусија и реакција за подобрување на состојбата во Македонија.