Нема доволно информации каде смее да се кампува со шатор – граѓани преку социјални мрежи разменуваат искуства

Ана и Мане заедно со нивното куче Арон се рекреативци кои своите авантури од кампување во природа ги споделуваат преку заедничкиот Инстаграм профил „Adventure MK“. Преку него тие раскажуваат за искуствата, но и разменуваат мислења и совети со своите следбеници за одредени места во државата.

Една таква неодамнешна случка е и роденденскиот викенд кој го имале на езеро Мантово во близина на село Конче.

„Без да знаеме дека има и скратен пат се возевме околу еден и пол час off road за на крај да ни текне дека заборавивме да си земеме вода со нас. Дали се враќавме назад? Да“, велат Ана и Мане.

Ова е нивен начин да ја информираат јавноста во отсуство на официјални податоци. Луѓето најчесто се оставени да се информираат преку форуми, блогови, или пак, Фејсбук групи врз база на туѓи искуства.

„Луѓето што кампуваат и што минат време во природа знаат и самите колку е важно во одредени моменти да споделиш некои информации, без разлика дали се позитивни или негативни, бидејќи истите влијаат на изборот на оној кој сака да го посети местото после тебе“, велат двајцата млади авантуристи.

Освен во камп зоните, тие досега не сретнале знаци за забрането кампување, па најчесто прашуваат локалци или пак самите ја проценуваат локацијата.

„Во Македонија има доста кампови кои се легални и нудат услови за подолг престој. Ние ја бираме авантуристичката страна, односно див камп. Досега се покажало како безбедно и немало никакви проблеми. Внимателни сме да не пречиме на луѓе (доколку е населено место), но најчесто сме сами заедно до кучето, кое ја има целата слобода на светот“, велат тие.

„На повисоките планински места, а и сите останати кои не се често посетувани, нема кој да води грижа дали е се во ред откако ќе заминеме. Ние сме тие кои одговараме пред природата“, посочуваат од Adventure MK.

„Најголема заблуда е дека секој може да кампува секаде, каде сака, кога сака“

Македонија е една од земјите во која кампувањето не е строго ограничено со законски прописи, ограничувања и отежнувања, вели Влатко Костовски, генерален секретар при Сојузот на извидници на Македонија. Според него, од една страна тоа дава огромна слобода за љубителите на природа да го искористат максимумот од убавините со кои располага државата, но од друга страна, има поединци кои максимално го злоупотребуваат тоа и ја уништуваат природата.

Како што посочи, најголема заблуда е дека секој може да кампува секаде, каде сака, кога сака. Во случај граѓаните да се одлучат да камуваат на отворено во сопствена режија, тие треба да се осигурат дека некому ја кажале точната локација каде се упатиле или се наоѓаат. Потоа, ако станува збор за поголема група, треба да се пријави до надлежните институции, најчесто подрачната полиција кои воедно ќе дадат дополнителни информации.

„Осигурајте се дека не е ловна сезона и не кампувате во средина на ловење животни. Обележете го вашиот камп – користете флуросцентни елеци, знаме, огниште. Немој да палите огин во густа шума и во национални паркови. Кога веќе палите огин, ископајте мала дупка во земјата, користете суви паднати гранки, не ги уништувајте дрвјата во непосредна близина, ограничете го огништето со камења, осигурајте се дека имате шише/канистар вода во близина или песок. Пред да заминете, осигурајте се дека огинот е изгасен и нема жарчиња, потрупајте го со земја и растргнете ги камењата“, советува Костовски.

За почетниците, пак, вели тој, подобро е да кампуваат во близина на населено место, мали села или манастири каде има питка вода и места за складирање отпад.

„Побарајте помош од локалните жители и прашајте за совети што би можеле да посетите во околина на местото. Прашајте дали имаат домашни производи и набавете си домашни краставици, патлиџан, пченка, или пак домашно сирење за вашиот следен оброк“, предлага Костовски.

И тој се согласува дека отсуствуваат официјални информации за оваа гранка. Според него, уште поголем проблем е што странските туристи не можат да најдат релевантни и доверливи информации поврзани со кампувањето во Македонија, па често нив ги контактирале за совети, насоки и добри практики.

„Кампингот е гранка од туризмот и може да биде во автокампови и на “диво” во сопствена режија. Камперскиот туризам сè уште не е доволно развиен во нашата држава. Бројот на кампови се брои на раце и стагнира од година во година. Иако е доста прифатен од страна на граѓаните, пред сè поради тоа што е далеку поекономичен во споредба со класичниот туризам и сместување во хотели/апартмани, сепак никој не го гледа како гранка во која треба сериозно инвестирање и промоција, па често давателите на ваквиот вид на услуги се оставени сами на себе“, смета Костовски.

Првиот чекор кон решавање на овој проблем, образложи тој, би било препознавање на кампингот како серизна гранка при развивање на туризамот во државата. Втор чекор би било едукација и поткревање на свест за правилно кампување и престој во природа. И трет чекор би бил промоција на кампингот и сите бенефити кои ги нуди.

„Можностите се големи, бенефитите се огромни“, вели Костовски.

Националниот парк „Галичица“ во рамки на своите 25 000 хектари територија располага со две пикник зони каде може да се постави шатор – една во близина на Трпејца, а другата под Коритски рид во близина на видиковци. Тие се нудат како место за рекреација во рамки на паркот. Според ренџерот Ѓуро Јовчески, поради пандемијата значително е намален бројот на странски посетители, кои најчесто ја користат опцијата со кампување во паркот.

 

View this post on Instagram

 

Lako Signoj, one of the higest mountain peak! #galicicamountain #highpeak #landscape

A post shared by National Park Galicica (@galicicanp) on

„Сум среќавал луѓе кои кампуваат на места кои не се адекватни и соодветни, но морам да признаам дека немало некои потешкотии или проблеми да направат. Сите биле совесни, свесни за работите и досега не сме пронашле некои проблеми како нешто што би влијаело на животната средина. Сите сме ги предупредувале, но не сум ги казнувал“, забележа тој.

„Не е проблем што луѓето создаваат отпад, туку што го оставаат зад себе“

Ана и Мане и неодамна преку својот Инстаграм профил започнаа да реагираат и за отпадот што се остава на излетнички места. Според нив, ѓубрето е честа слика, за која треба да се преземаат посериозни мерки.

„Наше искрено размислување е дека оние кои кампуваат и кои секојдневно се соединуваат со природата, не се изворот на овој отпад. Секоја чест на исклучоци, но ваквиот отпад е дело на еднодневни прошетки и екскурзии, барем до сега така се покажало. Секој од нас, помалку или повеќе, носи со себе предмети кои се штетни за околината сами по себе, па замислете што се случува кога истите ќе ги оставиме во природа? Не е ништо страшно и срамно да го собереш отпадот после викендашки излет со пријателите, сепак ти го донесе до тука, ти треба да го вратиш, така?“, сметаат тие.

Слично размислува и Костовски, според кој, не е проблем што луѓето создаваат отпад, проблем е што го оставаат отпадот позади нив.

„Остави го местото подобро и почисто од што си го нашол“, порачува тој.

„Собирајте го отпадот и соодветно однесете го во локациите за отпад и контејнери. Со цел да го намалите количеството на отпад: За исхрана во природа, избегнувајте конзервирана и пакувана храна и хранете се со овошје и зеленчук. Се подготвува, брзо, лесно и не оставате трага. Лушпите и семките закопајте ги од кога ќе го припремите оброкот. Носете си една вреќа за отпадоци во која ќе ги ставите сите не разградливи отпадоци. Не пакувајте повеќе од што ви е потребно и не си правете дополнителен товар. Ова се учи со тек на време, често пати на кампување не користиме се што носиме со нас“, вели Костовски.

Според Јовчески, најголем проблем за нив во Националниот парк „Галичица“ е локалното население кое одлага шут. Овде, вели тој, имаат проблем со еколошките инспектори за кои посочи дека слабо ја вршат работата.

„Не можеме да пишуваме мандатни казни, инаку ние процесуираме“, забележа тој, додавајќи дека недостасува координација и дека се осамени во однос на борбата за заштитата на животната средина и за него тоа делува како борба со ветерници.

Минатата година од паркот изработија апликација со сите информации за Галичица, а периодов поставуваат и нови патокази. За Јовчески проблем е бирократијата за објавување тендер како и постојаното менување на менаџментот од надвор кој како што вели тој, не ја знае доволно проблематиката.

„Кампувањето нè води да практикуваме здрав живот“

Новите „правила на игра“ кои ги воведе пандемијата на Ковид-19 ги поттикна луѓето повеќе да ја истражуваат земјата и да откриваат локации кои досега не ги посетиле. Една од опциите која стекнува популарност е токму поставувањето шатор во природа.

Според Ана и Мане, она што е заедничко за сите кампери е желбата да се искуси душевен мир и спокој кој ги нуди природата, но и практичните работи кои се учат по пат и сфаќањето дека не треба многу за среќа и релаксирање.

„Чувството на слобода е нешто незаменливо. Истовремено сè е наше и сè е заедничко.  Кампувањето во природа не те обврзува со простор, можеш да ја одбереш за тебе најубавата локација со најубавиот поглед. Тоа е начин преку кој остваруваш интеракција со природата, а истовремено имаш и кров над главата, или што би рекле ние – подвижен дом. Го сакаме кампувањето затоа што не води кон тоа да практикуваме здрав живот. Го ојакнува нашиот имунитет и го ослободува стресот од нашето тело“, велат овие рекреативци.

За Костовски, пак, листата на предности за кампување во природа е огромна. Од чист воздух, оддалеченост од градскиот метеж, па до шмекот на загорениот компир зготвен на огниште и салатата без грам сол.

„Развиваш љубов кон природата“, едноставно вели тој.

БОНУС СОВЕТИ ЗА КАМПУВАЊЕ ВО ПРИРОДА

  • Шатор и шаторска опрема. Шаторот е вероватно најважниот дел од опремата за кампување. Бидејќи истиот ни е живеалиште определен број на денови осигурајте се дека е целосно функционален. Функционален шатор значи шатор кој не пропушта вода и чија конструкцијата (шипки) е целосна. Да може да се затвара и не пропушта силен ветар, да нема дупки од долната страна од каде што можат да влезат инсекти. Плус е доколку шаторот е компактен и лесно се пакува и отпакува, па ни дава слобода да се движиме лесно со него и брзо да се спакуваме доколку е потребно. Осигурајте се дека имате јажиња и колци со кои можете да го оптегнете и прицврстите шаторот, со цел да го осигурате и да не дојде до негово оштетување или прокиснување при можно невреме.
  • Вреќа за спиење и подметач. Не го потценувајте времето. Добра вреќа е повеќе од потребна. Времето е многу непредвидливо, поготово во планинските места. Навечер и рано наутро, температурата може да падне многу во споредба со дневните температури. Вреќа за спиење е далеку пофункционална од обични ќебиња и е неопходна за удобно кампување. Подметачот е додаток кој се користи кој го користиме во улога на душек. На тој начин телото ти е одделено од земјата и те заштитува од ладното кое што доаѓа од земја. Доколку немаш подметач, под шаторот ставете куп лисја. На тој начин ќе ви биде ем помеко, ем ќе ве заштити од студот умерено.
  • Лична опрема. Од лична опрема со вас имајте нож и врвка/коноп. Како што напишав погоре, можностите на сопствената креативност се неограничени. Се што ви е потребно може да подготвите самите.
  • Опрема за готвење на огин и мултифункционален прибор за јадење.
  • Од дополнителна опрема осигурајте се дека носите: батериска лампа, флуросцентен елек за движење низ планина, компас, мапа од пределот каде што се движите или планирате да кампувате, дополнителна екстерна батерија за телефонот за користење при несакани ситуации, заштитна опрема од дожд (кабаница, шаторско крило, итн), удобни чевли, удобна и резервна облека за претстој и движење во природа.
  • Секогаш носете повеќе вода од тоа што мислите дека ви треба.

Емилија Петреска