Нема добар систем за лекување на зависниците од дрога

И по повеќе од две децении откако беше воведен третман за лекување на
зависниците од дрога, работите тапкаат во место. Најголем дел од нив остануваат на
улица. Едвај 10% од нив се вклучени програмата за лекување со метадон, која што
од неодамна повторно е отворена за прием на нови пациенти. Сепак, појаснуваат од
Центарот за заштита и третман на зависници во „Кисела Вода“, се чини тешко дека ќе
има место за сите што ќе побараат метадон.

Нема добар систем за лекување на зависниците од дрога

За квалитетен систем за лекување и борба против зависноста од дрога не станува
ниту збор. По 10 години инјектирање хероин, и уште седум години неуспешно
лекување со метадон во земјава, Велимир својот спас го најде на клиниките во
Германија. Таму ви го даваат метадонот строго контролирано, вели тој, лекарите
постојано Ве следат, а психосоцијалната поддршка е дел од терапијата. Кај нас,
посочува Велимир, освен метадон, не добивте ништо повеќе.

Во меѓувреме во земјава се создаде црн пазар на метадон. Истовремено бројот
на зависници од дрога расте, покажува статистиката на невладината организација
Доверба. Ако во 2009-та кај нив се јавиле 467лица од кои 123 побарале третман,
лани бројката се искачила на 1213 зависници кои сакаат третман или речиси 2000
што побарале помош од организацијата. Проблемот не е само во парите, донациите
од Глобал Фонд пропаѓаа, велат од „Доверба“. За нив поголем проблем е немањето
системски пристап и желба да им се помогне на овие луѓе.

Лекувањето на зависноста од дрога е долго и тешко, но постои надеж. Иако секој ден е
нова борба, Велимир по своето враќање од Германија уверува дека нема посегнато по
дрога.

Паднаа во вода обидите за создавање заеднички регистар на зависниците кој ќе го
користат невладините и засесегнатите институции. Иако беше договорено, засега
нема најави ниту за отварање на Центар за психосоцијална рехабилитација на
корисниците на дрога. Во „Кисела Вода“ се жалат дека немаат доволно медицински
персонал за работа.

Од државниот буџет пак 600 илјади евра се потрошија за 5-те контраверзни спота дел
од кампањата за превенција од дроги. Ефектот, велат од „Доверба“, изостана.

Јасмина Јакимова