Нема да се пуши по кафулиња, ресторани, автомобили – Владата спреми нов антипушачки закон

Откако изминативе десеттина години пушењето прилично се „олабави“ и воедно ретко каде може да најдете локал што не е задимен и стои знакот со пречкртана цигара, сега е скроен нов закон за заштита од пушење.

Забраната ќе важи во сите затворени простори од јавен карактер, а увозот и продажбата на тутунски и никотински производи драстично ќе се ограничи. Цигарите целосно би се тргнале и од видното поле на купувачите во маркетите.

„Забраната важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи, ресторани, барови, меани, кантини“, се дел од предложените измени на законот за пушење.

Според предлог-законот, пушењето ќе биде забрането дури и на терасите на кафеаните, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни.

Забрана би имало и за пушење во автомобил, во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, на пазари и во редица други институции и на јавни простори.

Новите правила би ги опфатиле и електронските цигари и вејп уредите.

Предлог-законот наскоро ќе биде ставен на јавна расправа, односно на платформата ЕНЕР.

Инаку, статистките покажуваат дека во Македонија годишно умираат околу 4.000 луѓе од болести и состојби поврзани со пушењето.

Седум од 10 пушачи започнале да пушат на возраст од 21 година. Истовремено, како што објави „Аналитика“, пушат дури 40% од малолетниците, а првата цигара на децата е на 13-годишна возраст.

Речиси половина од граѓаните во Македонија редовно пушат, што ја става земјата меѓу оние со највисоки стапки на континентот – 48,4%.

Според статистиките на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи. Тоа е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти.

Смртните состојби со тутунот чинат 5,6% од БДП годишно.

Ако се гледаат бројките на СЗО, на светско ниво тутунот годишно убива над 7 милиони луѓе, од кои 1,6 милиони се од „пушење од втора рака“, т.е. непушачи. Потоа, како комерцијален и социјален хит, е алкохолот со кој се поврзуваат отприлика 2,6 милиони смртни случаи годишно, додека 0,6 милиони случаи се проценуваат на употребата на дроги.

Затоа светот почна да го затегнува обрачот и околу пушењето.

Од 1 јули 2025 Франција забрани пушење на сите отворени јавни простори каде децата, младите се социјализираат, како училишни зони, паркови и градини, спортски терени, автобуски постојки и др. Казната за пушење во овие зони е 135 евра. Воедно, стотици плажи во Франција веќе имаат забрана за пушење, како и детски игралишта. Целта е до 2032 да имаат генерација на непушачи.

Шпанија веќе најави нова забрана за пушење, која ќе ги опфати отворените тераси и простори пред локалите, образовните устаноци, службените возила и возилата за достава… Забраната ќе ги вклучи и електронските цигари. Околу 700 шпански плажи имаат забрана за пушење, со казни и до 2.000 евра.

Шведска од 2019 има забрането пушење на отворено на тераси на угостителски објекти, автобуски постојки, игралишта, пред влезовите на јавни објекти.

Бојан Шашевски