Нема да има отстрел на мечки во Мавровско, проблемот ќе се решава со чистење на депониите, заплашување и одвраќање

По реакциите на локалните жители за зголеменото присуство на мечки во населените места на Општина Маврово и Ростуше, од Владата по вчерашната седница соопштија дека ќе бидат преземени повеќе мерки со кои треба да се превенира проблемот.

Како што соопштија од Владата, во најкраток временски период треба да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта кои се во близина на населените места кои се извор на привлекување на мечката. Локалната самоуправа во соработка со НП „Маврово“ треба да го решаваат ова прашање со цел навремено чистење на сметот, односно дивите депонии од сите населени места и од локалните патишта.

Дополнително меѓу утврдените превентивни мерки се предвидува и контрола на сите придружни објекти во кои се чува храна, кои може да бидат лесно достапни и се во близина на местото на домување, затворање со безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад, обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места, обезбедување на имотите, особено местата каде што се чува добиток, пчели или друго со електрична ограда. Од Владата соопштија дека ќе се преземат мерки за успивање и дислоцирање мечки во соработка со државни органи и научни институции, како и дека ќе се употребуваат превентивни средства за заплашување и одвраќање на мечките.

„Неопходните превентивните мерки, како што е соопштено од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се предложени и преземени, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед дека кафеавата мечка (Ursus arctos), согласно Законот за ловство, е вид за којшто е пропишана трајна забрана за ловење. Активностите се преземени по доставено известување од страна на Јавната установа Национален парк Маврово, за зачестено присуство на кафеавата мечка на територијата на НП Маврово, каде, според информацијата, има причинети штети по добиток, пчелни семејства, имот“, соопштија од Владата.

Од Македонското еколошко друштво вчера порачаа дека не поддржуваат отстрел на мечките, со оглед на тоа што недостасуваат сознанија за нивната бројност. Според нив, факторите кои влијаат на поголемото присуство на кафеавите мечки во близина на населените места вклучуваат интеракција со нејзините живеалишта, расположливост на храна како и отсуство на активна заштита на стоката и пчелните семејства.

„Во многу земји во Европа е препознаен проблемот дека диви депонии и ѓубришта близу населените места, особено во руралните средини, нудат лесно достапен извор на храна, кои мечките зачестено го искористуваат. Ова подразбира и дека тие со време се навикнуваат на овие места, и стануваат ‘похрабри’, односно, помалку претпазливи од присуство на луѓе. Сето ова дава основа за потенцијален конфликт со луѓето и создавање на т.н. ‘проблематични’ мечки“, велат од МЕД.

Според еколозите, за да се избегне ваква ситуација, потребно е подобро управување со отпадот, намалување на притисокот врз живеалиштата на мечката и конципирање превентивни мерки за нејзино одбивање. Мерките опфаќаат контејнери со заштитен механизам против мечки, електрични огради, звучни и светлосни ефекти, канти со инсталиран солзавец или пак гумени куршуми.

Кафеавата мечка е трајно заштитен дивеч во Македонија согласно Законот за ловството, и строго заштитен вид согласно Законот за заштита на природата. Таа е ставена и на Националната црвената листа на цицачи како ранлив вид.