Нема чист воздух и средина без поголема медиумска покриеност и еколошки истражувања

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), во рамките на своите законски надлежности, да ги испита можностите за поттикнување на радиодифузерите да емитуваат повеќе содржини од областа на животната средина. Во Македонската радио телевизија во програмската шема да се зголеми застапеноста на ваквите теми, не само во вестите, туку и преку емисии и подлабински истражувања. Владата, пак, да ги вметне информирањето на информирањето и едукацијата од областа на животната средина, како дополнителен критериум за доделување на средства, како надомест за производство на домашна програма.

Овие препораки, односно предлог-политики за институциите и медиумите беа соопштени на завршната конференција за проектот „Развој на еколошко истражувачко новинарство“, финасиран од ЕУ, а изминатиов период спроведуван од „Флоразон“ и „Сумнал“.

На конференцијата беше потенцирано дека правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на РМ. Во членот 43 се вели дека секој има е должен да ја унапредува и штити животната средина, а државата обезбедува услови за остварување на ова право на граѓаните.

„Медиумите се должни да ги информираат граѓаните за степенот во кој државата ги штити нивните уставно загарантирани права, вклучително и правото на здрава животна средина. Граѓаните имаат право да бидат што подобро информирани за состојбите што директно и индиректно влијаат врз нивното здравје, нивната лична безбедност, безбедноста на нивниот имот, квалитетот на воздухот, водата и почвата, потоа за факторите што доведуваат до подобрување или влошување на овие состојби, како и за одговорностите на различни институции за регулирање на тие фактори“, рече проект-менаџерот на „Флоразон“ – Центар за еколошка демократија, Кирил Ристовски.

Мониторингот низ проектот покажал дека содржините кои се однесуваат на заштитата на животната средина зафаќаат меѓу 0,5 до 3 отсто од вкупните содржини во медиумите. Оттука, констатирано е деке неправедно се запоставува оваа област која е од врвно значење и приоритет во земјава, но и светот.

„Просторот во медиумите е отстапен за животната средина најчесто во оние моменти кога има некоја голема хаварија, загадувањето во воздухот во декември, поплавите, некоја индустриска несреќа итн. Потоа тоа се заборава, се чека нешто ново… Дури и во тие случаи имаме реактивно новинарство, а многу помалку зошто тоа се случило, како да се избегне во иднина. Тоа е оној истражувачки дел кој треба да се поттикне“, нагласи Гоце Трпковски, новинар и соработник во проектот.

Зоран Фидановски од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), нагласи дека за Македонија претставува голем ден пречекот на ракометарите на „Вардар“, европските шампиони. Па, во ситуација кога државата е „отруена“ од теми поврзани со политиката и буквално отруена од токсини на овие простори, тој смета дека темите од спортот и екологијата се повеќе од насушна потреба.

Понатаму, Фидановски нагласи дека здравата животна средина е јавен интерес, па согласно тоа, по дефиниција и по законските одредби, МРТВ мора да го протежира и стимулира.

„Јавниот сервис треба да биде постојано потсетуван од сите дека има обврска да одговори на потребите на граѓаните, на јавниот интерес со продукција на емисии, програми, теми со еколошки аспект. Што се однесува до другите радиодифузери, АВМУ реално не може да наметне вакви теми да бидат задолжителен дел од програмата, затоа што тоа би било мешање во уредувачката политика и влијание на програмската содржина. Но, ако медиумите целосно ја разбираат својата позиција во општеството, знаат дека тие мора да бидат општествено одговорни. Да го штитат јавниот интерес. Во таков случај, лично сметам дека Агенцијата може да се јави во улога на покровител на медиумите во процес во кој тие, преку еден вид саморегулаторен акт, доколку имаат интерес, би се обврзале да протежираат вакви теми. Пред се’, и над се’, медиумите треба да работат на подигнување на свеста на граѓаните за вакви теми. На тој начин, си помагаат сами на себе“, рече Фидановски.

Согласно потребата за поголема медиумска покриеност и истражувачки теми за екологијата, Елена Пешева од О2 – Коалиција за чист воздух повтори дека аерозагадувањето е сериозен проблем, кој не само што го нарушува здравјето на граѓаните, туку и економијата.

„Аерозагадувањето во Македонија е причинител на повеќе од 2.836 смртни случаи годишно. Европската агенција за животна средина (ЕЕА) смртта на 3360 лица ја препишува на изложеноста на ПМ 2.5 честици. Ова се условно стари информации, ги немаме податоците од последните години, треба да бидат доставени, за да веројатно добиеме уште пострашни информации, бидејќи знаете дека состојбата со воздухот во Македонија е ужасна. Според Светската банка, загадувањето ја чини македонската економија 253 милиони евра годишно, тоа е отприлика е 3,2% од бруто-домашниот производ. Исто така, според податоците на Светската здравствена организација, се наоѓаме на една непопуларна листа – во топ десет најзагадени градови со штетните PM2,5 честички, во Европа“, рече Пешева.

Според Јаромир Левичек, раководител на одделот економија во Делегацијата на ЕУ, заштитата на животната средина е помеѓу главните приоритети на Европската Унија. И покрај одредените подобрувања, рече тој, загадениот воздух е одговорен за предвремена смрт на преку 400.000 луѓе секоја година.

„Загадувањето на водата останува огромен проблем во многу места. Отпадот кој нашите општества го продуцираат расте секоја година. Сите овие проблеми се видливи и во земјава. Во изминативе неколку години, ЕУ обезбеди околу 80 милиони евра за проекти за заштита на животната средина, а поддршката ќе продолжи и финансиски и советодавно во периодот до 2020, со преку 100 милиони евра. Медиумите играат витална улога. Зборувајќи за прашањата од животната средина и иницирањето дебати ја подига свеста на граѓаните, но исто така ги повикува властите и бизнисите на нивна одговорност во заштитата на животната средина“, рече Левичек.

 Бојан Шашевски