Нема алиби за молкот на уметниците во Македонија

Нема алиби за молкот на уметниците во МакедонијаУметниците во Македонија повеќе молчат одколку што говорат. Репресијата врз нив е силна, а стравот присутен кога треба да се говори за општествените проблем. Ова е ставот на професорот Владимир Милчин и актерката Сања Арсовска, кои како дел од Летната акдемијата  на МОФ, зборуваа за улогата на културата и уметноста во борбата за човековите права.

Според професорот на Драмскиот факултет, Владимир  Милчин уметниците како преку своите дела, така и преку својот активизам и јавно изразување на незадоволство од одредени прашања, може да предизвикаат промени.

„Системот кој кај нас е развиен врши притисок или спроведува уцена, така што уметниците се плашат дека ако кажат нешто против власта дека ќе останат без средства без поддршка, без работа , но тоа не може да биде алиби за молчење и тоа историјата го покажува“, смета Милчин.

Нема алиби за молкот на уметниците во Македонија

За младата актерка Сања Арсовска, која покрај тоа што работи во Драмскиот театар, дел е и од „Плоштад слобода“ и „Распеани скопјани“, активизмот на поединецот е неопходен за промени во општеството и во борбата за човекови права. Таа вели дека уметниците мора да се разбудат и да проговорат за проблемите.

„Постои нетрпеливост и репресија од страна на претпоставените, не во мојот случај, но таква е општата состојба. Мене ми пречи таа апатичност од страна на на уметниците или таа нивна индивидуална борба што ја имаат за човекови права, а не го користат уметничкиот простор кде што може да креираат нешто со што ке одговорат, ке постават прашање, ке променат нешто во општеството“, вели Арсовска.