Нелогичности во изборните бројки на сајтот на ДИК

Едноставни математички збирови и споредби на податоците објавени на сајтот на Државната изборна комисија доведуваат до доста нелогичности.

Доколку се соберат вкупниот број на гласови кои ги добиле сите партии на изборите (1.153.949) тој се разликува за 22 гласа од вкупниот број на важечки гласачки ливчиња (1.153.971).

Во втор пример на слична нелогичност, збирот на сите важечки (1.153.971) и неважечки ливчиња (37.885) кој изнесува 1.191.856, е за 5 ливчиња поголем од вкупниот број избирачи кои гласале во сите избирачки места (1.191.851).

Збирот на гласовите на сите партии (1.153.949) и вкупниот број на неважечки ливчиња (37.885) е 1.191.834 ливчиња, што пак е за 17 ливчиња помала бројка од онаа објавена за вкупниот број на гласови (1.191.851).

Во текот на вчерашниот ден за слични математички нелогичности алармираше и професорката на природно-математичкиот факултет во Скопје, Мимоза Ристова на својот фејсбук профил.

Се обративме до Државната изборна комисија за логично објаснување зошто бројките на интернет страницата не одговараат меѓу себе. По консултација со луѓето задолжени за системот IVote, од ДИК не известија дека објавените податоци се земаат како првични резултати, додека за математичките нелогичности не отфрлаат дека е можно да се работи за техничка грешка.

Тие информираат дека се отворени за приговори и за сомнежи за неправилности од ваков тип, а потенцираа и дека до овој момент, до нив, ниту една партија не доставила приговор на резултатите од изборниот процес.

Даниел Евросимоски